Замрзнати цените на јајцата и на оризот, ќе чинат најмногу колку што биле на 15 март


Фото: Б. Грданоски

Владата денес ја замрзна цената на јајцата од кокошка и оризот со што нивните највисоки цени ќе бидат на ниво од 15 март 2023 година, а одлуката ќе се применува до 30 април 2023 година. Истовремено, производителите на јајца се обврзани најмалку 70 отсто од нивното производство да го пласираат на домашниот пазар.

Ова денес на прес конференција во Владата го соопштија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши кои рекоа дека станува збор за највисоки цени кои можат да бидат и пониски. 

„Трговците кои се регистрирани за вршење на трговска дејност имаат обврска редовно да прибавуваат и да продаваат свежи јајца од кокошка во количини што редовно се прибавувале во јануари и февруари 2023 година“, рече Ковачевски.

Тој посочи дека во изминатиот период било утврден значаен пораст на цените на оризот и на јајцата како резултат на движењата во однос на извоз и увоз на овие производи.

„За таа цел, а во пресрет на претстојните празници Велигден и Бајрам, со цел да се спречи евентуален дисбаланс на домашниот пазар и недостаток на јајца од кокошка, производителите најмалку 70 проценти од домашното производство на јајца ќе го пласираат на домашниот пазар, а трговците на мало да продолжат да ја набавуваат вообичаената количина на јајца што се набавувала во јануари и во февруари годинава“, рече Ковачевски.

„Овие мерки не ги носиме произволно туку се темелат на аргументирани факти и анализи“, додаде тој.

Како што соопшти министерот за економија Крешник Бектеши, просечната цена на јајцата на 15 март изнесувала околу 8,5 денари, а најскапото чинело 9,8 денари зависно од пакувањето, амбалажата  и трошоците што ги имале компаниите. 

„Многу е важно да се нагласи дека е зголемена побарувачката за производоството на јајца од државава особено од нашите соседи каде што цените се движат од 14 до 20 центи и нагоре. Тоа значи дека ако се дозволи целосен извоз повеќето заради економски интерес би можеле да го насочат целото произвдоство во соседните држави. Затоа дополнително освен за замрзнувањето на цената е донесена и одлука за ограничувањето на извозот, каде што 70 проценти од целокупниот пласман во јануари и февруари сите наши производидители да ги снабдуваат нашите ланци на маркети, а со тоа да нема недостаток на овој производ и да нема зголемување на цената како притисок однадвор особено од државите во регионот“, рече Бектеши.

Сите цени, на табла, на парче, кои биле на 15 март, појасни, не може да бидат повисоки од тие на 15  март. Пониски можат да бидат, но повисоки не можат да бидат од сите производители кои ги имале тие цени во нашата држава и увозните ако во случај имале увоз во тој период.

На денешната седница на Владата е разговарано и за евентуално за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот, а анализите што ги направило Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство треба да се достават до Министерството за економија и до Кабинетот на премиерот. 

„Како што најавивме тоа беше една од дискусиите денеска на седница на Владата на предлог на претседателот на Владата за тие конкретни анализи да се достават до Министерството за економија и до кабинетот на Претседателот на Владата заради тоа што ако треба да се донесе одлука за замрзнување на цената, ограничување и слично, тоа се  носи согласно со Законот за трговија, но инпутот треба да го даде Министерството за земјоделство и согласно нивните анализи ние заедно со Кабинетот на претседателот ќе донесеме соодветни одлуки во делот на овошјето и зеленлукот“, рече Бектеши, на новинарско прашање.

Според Законот за трговија, Владата може привремено да го ограничи вршењето на трговијата, во случај нарушување на домашниот пазар, заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки.

Министерството за економија, кое е предлагач на одлуката, информираше дека, врз основа на податоците од Царинската управа, на вкупен увоз на свежи јајца од кокошка во 2023 година, главно од Србија и увозот на свежи јајца од кокошка за периодот јануари – 14 март 2023 година, е утврдено дека увозната цена на свежи јајца од кокошка, има пораст во однос на 2022 година.

Со оглед на тоа што цената на увозот на свежи јајца од кокошка расте, како и пројавениот интерес на извоз на домашното производство на јајца од кокошка, оценето е дека сето ова може да доведе до недостаток на пазарот и значаен пораст на цената, од сегашната продажна цена.

Што се однесува до оризот, согласно податоците од Царинската управа од 01.01.2023 до 15.03.2023 година, остварен е вкупен извоз на ориз во количина 1.070.383 кгр. во вредност од 70.034.849 денари, а просечната извозна цена на ориз изнесува 68,47 ден/кг за ориз со средни зрна, односно 64,34 ден/кг за ориз со долги зрна, што е повисока цена за 30 проценти, во однос на просечната извозна цена во 2022 година.

Од 16 март се замрзнати цените на тестенините и млечните производи, а од 28 февруари е замрзната и цената на лебот. Тогаш се укинаа и субвенциите за електричната енергија што ги добиваа компаниите од прехранбената индустрија.