Замрзнати цени прераснуваат во празни тезги 

Интервенциите со популистички и волунтаристички декрети во економските закономерности се примамливи и популарни многу кратко време. Додека не се испразнат рафтовите во продавниците


Замрзнувањето на цените на некои основни прехранбени производи, како лебот, млекото, месото, шеќерот… до крајот на јануари е популистичка и волунтаристичка одлука на владата која може да предизвика голема дестабилизација на пазарот. А, ако потрае подолго и многу подлабока економска криза и рецесија. Интервенциите со декрети во економските закономерности се примамливи и популарни многу кратко време. Додека не се испразнат тезгите, оти никој не сака да произведува загуби. Замрзнати цени лесно прераснуваат во празни тезги.

Во сите наброени производи со замрзнати цени има и увозни компоненти, некаде суровини, а некаде и готови производи, па владините одлуки не можат да стасаат и во странство. Одржувањето на стабилноста во вакви случаи со замрзнување на цените и со субвенции и покривање на загубите ја отвара спиралата на висока инфлација и сѐ што следи како последица. Контролата на цените до јануари најверојатно е пресметано со резервите од веќе извршеното поскапување. Но во владата не е пресметан психолошкиот момент кај граѓаните кој во вакви случаи предизвикува трупање на залихи. Стар и хорор филм кој го доживеавме во осумдесетите години на минатиот век.

За жал, и покрај трагичното искуство, први по оваа погрешна мерка посегнаа некои бивши југословенски републики, меѓу кои и Македонија. Веројатно нема да се повторат истите слики на опашки пред продавниците со зембиљи во рацете и безвредните пари во џебовите, но сигурно нема да помине без тешки последици данокот што ќе го платат најмногу најсиромашните слоеви на граѓаните.

Тие што носат вакви политички одлуки кои се спротивни на економските закони ако пред 40 години не го виделе ова стампедо на уривање на стандардот на населението и на економијата во меѓувреме требало да ја научат оваа основна лекција на понудувачка и побарувачка, главниот столб на стабилноста на пазарот и цените, и отварање на црната берза која произведува нова шверц олигархија. Не дај боже да се исправиме пред дилемата дали е подобро замрзнати цени на производи кои ги нема на тезгите, или да ги има, а две третини од населението да не може да ги купи. Во тој случај, сегашните политички проблеми околу битките за власт ќе бидат детска играчка пред цунамито на инфлацијата и на обезвреднување на една колку толку стабилна економска политика.

Ова е време кога треба целосно да надвладеат економските закономерности над политичките. Најдоброто решение е поттикнувањето на конкуренцијата и воведувањето на данок на екстра профит поради привилегираната поставеност на пазарот на некои производители и трговци. Тоа се виде со големите неправедно неоданочени „воени профити“ во овие години на војна со пандемијата што ги остварија „трговците“ со смртта. Ако истата политика се пренесе и на основните прехранбени производи и кога е со најдобра намера ќе се прекинат многу меѓузависни алки кои водат кон поголема криза, која е многу поопасна и влегува во други матни води кои не можат да се регулираат со години.

Затоа владата не смее да посегнува по навидум лесни решенија, туку тоа мора да биде цел пакет на добро осмислени економски мерки.