Замената на цигарите со производи без чад спасува животи: Интервју со д-р Том Прајс, поранешен секретар за здравство и човечки услуги на САД

Податоците се многу јасни дека користењето помалку штетни производи спасува животи, ја намалува смртноста, ги намалува стапките на болести, вели д-р Прајс


Иднината без чад од цигари за многумина кај нас звучи како нереална претпоставка и обична утопија, но водечките компании во оваа бранша, како Филип Морис Интернешенел, веќе се длабоко навлезени во ваквите револуционерни промени во навиките, а во некои земји како во Шведска, користењето цигари е сведено на минимум, во полза на други иновативни производи. Никотинските кесички, но и други производи без чад се алтернативата која овозможи Шведска да се смета за земја без чад од цигари (помалку од пет отсто од населението пушат цигари). Токму на оваа тема минатиот месец во Стокхолм, главниот град на Шведска се одржа конференцијата Техновејшн без чад (Technovation smoke-free by PMI), каде што експерти, научници и општественици дебатираа за тоа како иновацијата водена од науката може да придонесе за попаметни регулативи и да го забрза напредокот во јавното здравје и како доказите, иновациите и политиките можат да се спојат за да се постигне вистински напредок кон иднина без чад. „Независен“ беше дел од екипата новинари од Македонија кои ја проследија конференцијата, при што имаше екслузивна можност да разговара со д-р Том Прајс, поранешен секретар за здравство и човечки услуги на САД, кој беше еден од учесниците на панелот „Кесички, политика и јавно здравје: Глобална перспектива“.

На прашањето како ја оценува конференцијата, д-р Прајс посебно се осврна на воведното излагање на Томасо Ди Џовани, потпретседател за комуникации во „Филип Морис Интернешенел“, во кое стана збор како иновациите и политиките можат да се спојат за да се постигне вистински напредок кон иднина без чад.

„Презентацијата на Томасо (Ди Џовани ) е навистина многу јасна за предизвикот што постои. Тоа трае веќе некое време. И отсекогаш сме биле загрижени за недостатокот на следење, на науката ако сакате. И тоа е секогаш предизвик“, посочи д-р Прајс, додавајќи дека неговиот фокус е да се одговори на прашањето дали јавната политика не ја следи науката, кое е мултифакторско и воопшто не е едноставно.

„Одговорот е толку широк затоа што дел од него, барем во Соединетите Држави, е поради погрешната перцепција и дезинформациите на самиот медицински персонал“, вели тој.

Како што додава, мнозинството лекари и медицински сестри во Соединетите Американски Држави веруваат дека никотинот е канцероген.

„Значи, ако здравствените работници учат дека никотинот е канцероген или штетен, тогаш нема начин да им препорачаат нешто на пациентите што би им помогнало, бидејќи тие дури и не знаат дека тоа би им помогнало. И Карло (Фагерстром, емеритус професор и експерт за намалување на штетата од тутун, кој учествуваше на панелот „Науката зад оралните производи без чад“, заб.) ги посочи најважните работи, а тоа е дека постои оваа стигма“, вели д-р Прајс додавајќи дека ќе биде потребно долго време за да се промени јавната перцепција за тутунските компании.

 

Ако здравствените работници учат дека никотинот е канцероген или штетен, тогаш нема начин да им препорачаат нешто на пациентите што би им помогнало: Д-р Том Прајс

Д-р Прајс, пред сѐ благодарам за можноста за разговор со Вас. Кои земји се добар пример за користење на никотински кесички за потребите на јавното здравје и каде строгите правила би можеле да предизвикаат повеќе штета отколку корист?

Очигледно Шведска е водечкиот пример за таква земја. И податоците се толку многу, многу јасни дека користењето помалку штетни производи спасува животи, ја намалува смртноста, ги намалува стапките на болести. Јапонија е уште една земја што беше спомената. Нов Зеланд е исто така уште една земја која е добар пример. На слајдовите што беа прикажани има и други земји во ЕУ. Значи, јасно е дека прифаќањето на овие незапаливи тутунски производи добива поттик. Мислам дека е само прашање на време. Би било убаво да беше порано, а не подоцна. Од другата страна е Франција која беше спомената, со многу ригиден пристап, би рекол погрешен, бидејќи не ги препознава или не ги признава научните докази што постојат.

 

Дали сегашните политики се во чекор со најновите научни докази за производите без чад или сè уште се базираат на застарени ставови за никотинот?

Мислам дека е добар примерот што беше посочен на конференцијата за прифаќањето на безбедносните појаси. Потребни беа триесет години за нивна широка примена и затоа претпоставувам дека не е предолго за нас кога ќе ја погледнеме оваа ситуација. Бидејќи ќе потрае уште неколку години. Мислам дека ќе стигнеме таму, но јавната политика не ја достигна науката, односно заостанува. Делумно е стигма за тутунските компании. Делумно е недостаток на образование. Делумно е регулаторна шема во многу земји, вклучувајќи ги и САД, која не е толку ефикасна или флексибилна колку што треба да биде. Значи, мислам, има толку многу различни причини. Постојат застапници во одредени области. На пример, нашето Американско здружение за рак во Соединетите Држави верува дека секој треба да се откаже. Што знаете, прекрасно е да се каже, но во меѓувреме, имате милиони поединци кои се погодени од болестите што ги предизвикува пушењето и стотици илјади кои умираат. Значи, тоа е… но тие имаат интерес да ја продолжат оваа пропаганда што ја шират. Сè е или ништо.

 

Соединетите Американски Држави беа споменати дека ја одобриле употребата на никотински кесички. Тоа е различен пристап отколку во Франција.

Да, имав привилегија да бидам секретар на ХХС, кога ФДА одлучи дека или призна и објави дека постои континуум на ризик од тутунски производи што запаливиот тутун е на крајниот крај од полошите форми на консумирање тутун. И сè до работите што се најмалку штетни. И тоа беше многу задоволувачко. Конечно, ФДА и нашите здравствени институции го признаваат тоа, но ќе биде потребен подолг временски период за тоа да се усвои низ целата регулаторна шема.

 

Кога на дебатата ѝ недостасуваат нијанси, кој е најзасегнат – потрошувачот, здравствениот систем или кредибилитетот на регулативата? И како креаторите на политиките можат да донесат поизбалансирани одлуки засновани на докази?

Да, сите се погодени. Сите се погодени во различен степен. И речиси сите знаеме некого кој бил негативно погоден од пушењето. Мојот татко почина од емфизем, хронична опструктивна белодробна болест директно како резултат на неговото пушење, а повеќето поединци имаат некој близок до нив кој бил погоден од пушењето. Значи, потрошувачите сигурно се погодени. Креаторите на политики се погодени од тоа. Здравствените институции се погодени од тоа. Секој што плаќа даноци е под влијание на количината на ресурси што одат за покривање на трошоците за грижа за болеста, луѓе кои имаат болести од пушењето, така што е насекаде.

 

Шведска е класичен пример за нација која имала прашање за јавната политика, нешто што е очигледно покорисно и го заменува, ги менува ритуалите: Д-р Том Прајс на панел на конференцијата во Стокхолм

 

Како поранешен секретар за здравство верувате ли дека цигарите еден ден може да се стават во музеј, како што беше споменато овде на конференцијата?

Мислам да. Навистина мислам така. Знам дека постои одреден скептицизам во врска со тоа, но мислам дека Шведска е класичен пример за нација која имала прашање за јавната политика, нешто што е очигледно покорисно и го заменува, ги менува ритуалите, културното искуство со употребата на никотин и препознава дека не е запаливоста на тутунот тоа што се поврзува со луѓето, туку употребата на никотинот. Мислам дека можеме. Се надевам дека ќе го видам тоа. Но, временската рамка не изгледа ветувачка.