Законски измени што ќе овозможат членство во единствената област за плаќање во евра СЕПА го поминаа комисискиот филтер


Членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска дадоа поддршка за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, и двата по скратена постапка.

Заменик-министер за финансии Николче Јанкуловски во образложението нагласи дека причините за подготвување на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам произлегуваат од потребата за адресирање на недостатоци на одредби од законот утврдени со Извештајот од петтиот круг на евалуација на системот за спречување перење пари и финансирање тероризам на Комитетот MONEYVAL при Советот на Европа, усвоен во мај 2023 година.

Јанкуловски посочи дека не помалку важна причина за донесување на предложениот Закон е и фактот што во него се вградени решенија во насока на целосно усогласување со законодавството на ЕУ релевантно за спречување на перење пари и финансирање тероризам. Усогласувањето со ова регулатива, како што рече заменик-министерот, ќе овозможи исполнување на важен услов за пристапување на земјата во единствената област за плаќање во евра СЕПА и со тоа ќе се овозможи отпочнување на процесот на разгледување на барањето за пристапување во СЕПА поднесена до Европскиот Совет за плаќања на 10 јули 2024 година од страна на Народната банка во својство на регулаторна и надзорна институција за давателите на платежни услуги во земјата.

-Ова претставува клучен исчекор за понатамошниот развој, интеграција на домашниот финансиски систем во Европскиот економски простор, а членството на земјата во СЕПА ќе донесе бројни придобивки за граѓаните, фирмите и целокупната економија преку обезбедување на побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра кон и од земјите на СЕПА – тоа се државите членки на Европската Унија и држави кои не се во ЕУ како Обединетото кралство, Норвешка, Швајцарија, Исланд, Андора, Монако, Лихтеншајн, Сан Марино и Ватикан. Исто така, ќе се постигне доста поедноставување на процедурите, поголема транспарентност и засилена заштита на потрошувачите. Ефикасноста на плаќањата ќе придонесе за намалување на користењето на готовина ставајќи ја на преден план потребата на дигиталните начини на плаќања поддржувајќи го преминот кон дигитално општество. Со пристапот во СЕПА, домашните даватели на платежни услуги ќе добијат можност да бидат учесници во платните системи во областа на СЕПА што ќе обезбеди директни релации со многу странски даватели на платежни услуги и намалување на нивните трошоци што произлегуваат од кореспондентното банкарство, а тоа ќе придонесе за побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и за компаниите во земјава, рече Јанкуловски.

Истакна дека со предложените измени и дополнувања најпрвин се врши усогласување со Законот за градење во однос на изградбата на енергетските објекти од прва и втора категорија како градби од јавен интерес, како и терминолошко усогласување со Законот за вештачење согласно кој сега се определува Бирото за процена наместо Бирото за судски вештачења како институција што врши проценки во постапката за експропријација.

Исто така, како што рече, се дополнуваат и прецизираат одредби од Законот кои се донесуваат на другите ограничувања на правото на сопственост, односно се предвидува можност за продолжување на рокот уште за две години за привремено заземање на соседно земјиште од причини што во услови на изградба на објекти и инфраструктура во стратешки интерес за државата за кој е потребен подолг временски период за изградба досегашниот рок од две години е недоволен поради што се овозможува временскиот рок од две години да се продолжува врз основа на образложен предлог на предлагачот на експропријацијата.

-Новина во овој Закон е предвидување на можноста за определување на привремен застапник предложен од адвокатска комора како застапник на правата, интересите на лицата кои би претендирале на наследство во случаите кога сопственикот на недвижноста што се експроприра е починато лице, односно лице со непознато живеалиште или престојувалиште. На тој начин од една страна се овозможува непречена реализација на јавниот интерес, а од друга страна се обезбедува и соодветна заштита на интересите на сопствениците на недвижноста што е предмет на постапката. Уште една нови што содржи предложениот Закон е допрецизирање и дополнување на одредби кои се однесуваат на постапката за поништување на правосилни решенија за експропријација и раскинување на спогодби постигнати во постапката кога поради промена на убранистичка, планска или проектна документација, односно истечен законски рок за градба нема да се реализира јавниот интерес на експроприраната недвижност, рече Јанкуловски.