Законски измени: Се укинуваат две институции, а се формира Агенција за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво


Комисијата за образование, наука и спорт денеска ја одржа 16. седница на која беше поддржан Предлог законот за иновациска дејност, научно-технолошки развој и претприемништво, по скратена постапка, и е пуштен на понатамошна постапка во Собранието.

Со Предлог законот за иновациска дејност, научно-технолошки развој и претприемништво се регулира иновациската дејност, принципите, целите и организацијата на примената на резултатите од иновациската дејност и од научно – истражувачката дејност, техничките и технолошките знаења, пронајдоците и иновациите, постапките за доделување на државна поддршка и мерките и активностите за поттикнување на иновациската дејност, научно-технолошкиот развој и претприемништвото и конкурентноста на микро, малите и средни претпријатија во земјава, основањето, статусот, организирањето и работењето на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, како и други прашања поврзани со иновациската дејност, технолошкиот развој и претприемништвото.

Истовремено, новата законска рамка ја проширува дејноста со регулирање на научно-технолошкиот развој и претприемништвото.

Новиот закон предвидува укинување на Агенцијата за поддршка на претприемништво (АППРМ) и на Фондот за иновации и технолошки развој и формирање на нова институција – Агенција за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво.

Формирањето на нова институција е поради недоволниот капацитет на постоечките две институции за поддршка на иновации и претприемништво: АППРМ и Фондот за иновации и технолошки развој. Формирањето на нова институција која
ќе биде зајакната со нов кадар и со финансиски средства ќе овозможи зголемена поддршка на иновациите и научно-технолошкиот развој во државата.