Законот за заем од Унгарија сепак утре на седница


Африм Гаши (Фото: Б. Грданоски)

Во Собранието за утре е закажана седницата на Комисијата за финансирање и буџет, на чиј дневен ред е Предлог законот за задолжување со заем кај Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност по Договор за заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели, по скратена постапка.

Седницата, како што е објавено на собраниската веб страница, ја закажа претседателот на Собранието Африм Гаши, откако претседателката на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска одби да ја закаже. Со седницата ќе претседава пратеникот Бојан Стојановски. 

Пратениците на СДСМ бараат да се повлече законот за заем од Унгарија по скратена постапка и тој да се носи во редовна постапка и да се организира дебата со вклучување на експертската јавност. Предлог законот, како што изјави денеска лидерот на партијата Венко Филипче, е коруптивен и земјата се става во должничко и политичко заложништво кон Унгарија.

– Во услови кога за првпат државата се задолжува директно од некоја друга држава, кога не постојат јасни критериуми и механизми за распределба на земените пари, кога не постои јасно утврден систем за контрола на трошењето на парите, кога нема јасни одредби во законот кои тоа го гарантираат, кога има точки каде се кријат скриени трошоци кои не се јасно изразени за СДСМ е крајно недозволиво да се носи овој закон по скратена постапка, рече Филипче.