Законот за унгарскиот заем помина на Комисијата за финансирање и буџет


Фото: Б. Грданоски

Законот за унгарскиот заем утринава помина на Комисијата за финансирање и буџет. Претседателот на собранието Африм Гаши вчера ја закажа седницата на Kомисијата  откако претседателката на собраниската комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска одби да го направи тоа.Пратениците на СДСМ не присуствуваат на седницата, а вчера најавија дека ќе блокираат.

Тие бараа законот да се носи во редовна а не скратена постапка и да се организира дебата со вклучување на експертската јавност. Предлог законот, како што изјави денеска лидерот на партијата Венко Филипче, е коруптивен и земјата се става во должничко и политичко заложништво кон Унгарија.

Со законот Македонија ќе се задолжи  500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка, на која ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од нејзина страна. Во врска со провизиските трошоци премиерот Христијан Мицкоски тврдеше дека ќе бидат во износ од 70 илјади евра, сума што според него е десетпати помала од она што во минатото како држава сме го плаќале за претходни задолжувања.