Законот за шумите оди на второ читање


Собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за шумите, во прво читање и оцени дека е прифатлив и треба да се даде на понатамошно читање. Комисијата едногласно го донесе овој заклучок.

Претставникот на предлагачот, Јордан Здравковски, раководител на сектор во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ја образложи потребата од донесување на Законот. Тој соопшти дека со измените се опфаќат и се доуредуват постапките за заштита уредување на неуредените шуми и шумско земјиште со цел да добијат правна рамка и промена на катастерската култура согласно утврдена фактичка состојба на обраснатост на земјиштето со шумски видови дрвја. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за шумите не предизвикува дополнителни финансиски последици врз Буџетот на Република Северна Македонија.

Претседателот на комисијата Љупчо Николовски рече дека дава поддршка на измените на овој закон зошто тие биле поднесени и во изминатиот период.

– Небулозата е што беа блокирани, а сега повторно ги имаме на дневен ред. Во суштина го образложивте, освен усогласувањето во делот на државната комисија. Клучното е што се брише тој Национален комитет, кој е ставен на некој начин пред десетина години, а не функционирал. Но, небулозата е што ако гледаме по закон, раководен службеник во МЗШВ и досега требал да управува со гаснење на пожари. Тој е овластен со закон да управува буквално со целокупниот систем на справување со пожари. Значи раководен службеник во Министерството ќе му дава наредби за подигање на хеликоптери и авиони на сите други директори и министри, рече Николовски.

Ова, како потенцира, е небулозно, несфатливо, невозможно заради тоа што е препишано од еден проект, инсистиравме и добро е што денес се укинува за да овозможи ова натаму да не биде пречка. Додаде дека ова било пример за лошо пишување на закони.

Останатите членови на комисијата не се пријавија за дискусија.