Законот за јавно обвинителство од владин влезе во собраниски фото финиш

Владата доцна синоќа го утврди текстот на Предлог-законот за јавното обвинителство за кој е одлучено да оди на усвојување во Собранието на Македонија по скратена постапка.
Новина во Предлог-законот е изборот на јавен обвинител во обвинителството за организиран криминал и корупција кој ќе се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители. За Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Советот ќе го именува кандидатот кој што ќе освои најмногу гласови од листата на пријавени кандидати кои ги исполнуваат условите согласно овој закон, се вели во соопштението до медиумите.
Предметите од надлежност на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите преземени од Јавниот обвинител на Македонија се распоредуваат на јавните обвинителства на натамошно кривично гонење согласно нивните надлежности утврдени со овој закон.
„Утврдениот Предлог-закон е усогласен во претходна постапка во Собранието и во него се вградени решенија што обезбедуваат функционирањето на принципот на владеењето на правото согласно европските вредности со прeдвидени услови за фер и еднаквост на страните во правосудната постапка“, соопшти Владата.
Од таму додаваат дека решението на Предлог-законот гарантира дека сите судски процеси кои беа во надлежност на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите се распоредуваат на јавните обвинителства на натамошно кривично гонење согласно нивните надлежности утврдени со овој закон за да добијат правна разрешница пред надлежните судови, низ професионална и фер постапка, базирана на докази.
Новина во владиниот предлог – закон е дека за изборот на јавниот обвинител во Обвинителството за организиран криминал и корупција ќе биде потребно и Бадентерово мнозинство. Државниот главен обвинител ќе се бира со мнозинство од 61 пратеник во Собранието, јавија медиумите на албански јазик.
Инаку, на синоќешната седница Владата го утврдила и текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители, кој исто така се предлага да биде усвоен по скратена постапка.
„Целта на предложените измени и дополнувања е да се обезбеди правна рамка за независен, поактивен и влијателен Совет на јавни обвинители со посилна улога во спроведувањето на обвинителската слобода на одлучување“, се вели во соопштението.
Поддршка за новиот владин предлог стигна и од независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што, меѓу друго, соопштија дека Јавното обвинителство повеќе не може да заснова обвинение врз основа на незаконски прислушувани разговори.
„Обвинението за случаите Талир 1 и Талир 2 поднесени после законскиот рок се обвиненија во кои отпаѓаат незаконски прислушуваните материјали, и со тоа ја исправаме неправдата, односно даваме фер шанса сега без незаконски прислушуваните материјали да ја докажат невиноста и неаргументираноста за постоење на овие случаи. Предложивме уништување на незаконски прислушуваните материјали, на прецизен начин, јасно опишано во овој закон“, се вели во соопштението до медиумите.
ВМРО ДПМНЕ, пак, смета дека власта „ја силува парламентарната демократија во Македонија наметнувајќи законски решенија кои се спротивни на интересите на македонските граѓани“, како и дека е злоупотребен гласот на пратениците и на граѓаните. Според ВМРО ДПМНЕ, новиот закон ќе ги амнестира функционерите кои се богателе на грбот на граѓаните, преку криминални тендери и грантови.
„ВМРО-ДПМНЕ апелира новото законско решение да го креираат експерти бидејќи само така во Македонија може да се врати правдата и да завладее правото“, се вели во соопштението до медиумите.
На владината седница присуствуваа и техничките министри за внатрешни работи Наќе Чулев и за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи. Чулев го оцени носењето на законот како насилничко, спротивно на забелешките на експертите, се со цел да се сокрие криминалот на власта.
„Носење на системски и круцијален закон без политички консезус и негово изгласување по скратена постапка ќе го поткопа и така кревкиот правен систем и наместо владеење на правото ќе донесе исполитизарано и пристрасно јавно обвинителство креирано по мерка и желба на одредена група на луѓе“, напиша Чулев на „Фејсбук“ непосредно по завршување на владината седница.
Претходно, во текот на денот, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека законот гарантира дека сите судски процеси кои произлегуваат од СЈО ќе добијат своја правна разрешница пред надлежните судови, низ професионална и фер постапка, базирана на докази.
„Она што ни беше една од основните цели, го обезбедивме – во законот нема скриена амнестија, секој за кој постои обвинение ќе си одговара пред институциите“, нагласи Заев.
Предлог-законот е со европско знаменце и се предлага да биде донесен по скратена постапка. На официјалната интернет страница на Собранието се уште не е најавена седница за новото владино законско решение. Иако донесувањето на овој закон официјално не е услов за почеток на преговорите со ЕУ, сепак, од многу европски официјални претставници и на земјите членки, повеќе пати беше нагласено дека е добро законот да се донесе пред распуштањето на Собранието, кое што е предвидено за 12 февруари. (Н.В.)