Законите за коридорите ја поминаа првата етапа во Собранието

Во гласањето петте владини предлози добија поддршка од мнозинството да се се носат по скратена постапка. Опозицијата ја напушти салата пред гласањето


Фото: Б. Грданоски

 

Измените и дополнувањата на петте закони со кои што Владата сака да ја премости блокадата во Собранието за реализација на проектот за изградба на коридорите 8 и 10д денеска се најдоа пред пратениците, при што уште еднаш дојде до израз поделбата меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата. За пратениците од опозицијата станува збор за грубо кршење на Уставот и на Деловникот на Собранието, како и дека со ставањето на европското знаменце на владините предлози се настојува да се заобиколи собраниската процедура и дебатата. За владејачкото мнозинсто, пак, владините предлози ќе овозможат овој стратешки проект од национално значење да се реализира побрзо и поевтино.

Станува збор за измени и дополнуања на законите за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер, потоа за урбанистичко планирање, за градење,  за експропријација и за работните односи.

Сите тие го поминаа гласањето со мнозинство од 60 или 61 глас да се носат по скратена постапка. Тие ќе одат со европско знаменце, што значи без оглед колку и да има амандмани дискусијата мора да заврши за три дена. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата кога се гласаше.

На вакавата разврска претходеа повеќе процедурални забелешки од страна на опозицијата.

Така, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, од говорницата рече дека денеска сведочиме на „нов егзибиционизам на Владата“, како и дека уште еднаш мнозинството го крши највисокиот акт во државата Уставот, заедно со Деловникот на Собранието.

„Денеска пред нас се наоѓаат пет закони кои се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10д на кои оваа Влада се одлучи по кој знае кој пат да го злоупотреби европското знаменце“, рече Мицевски, кој додаде дека ова значи дека сега ќе имаме опструирана дебата како и ограничена амандманска расправа.

Тој посочи дека за вакви предлози треба да се наведат податоци за изворниот акт на Европската унија со полн назив, како и број, датум како и изјава за усогласеност, потпис на министер и јасно посочување акт на кој се однесува усогласувањето.

„Тоа го немаме, празни се коресподентните табели и поради овие неправилности требало овие закони да бидат вратени на владина седница“, рече Мицевски, кој рече дека ова е „скандалозно и навредливо кон сите пратеници“.

И пратениците од Левица беа против ваквиот начин на донесување на законските предлози, при што покрај другото, пратеникот Борислав Крмов рече дека петте материјали се стигнати на 8 овој месец, а денеска е 10 мај.

„Тоа се дефакто нови материјали, потребни се десет работни дена да се разгледаат новите материјали“, рече Крмов, нарекувајќи ги законските предлози „лажни“ и „обични парчиња хартија“.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ излегуваа и влегуваа на седницата (Фото: Б. Грданоски)

Претседателот на Собранието Талат Џафери, во одговор на обвинувањата за непочитување на роковите рече дека тие се однесуваат за редовните процедури на предлог-закони.

„Скратена постапка може да се предлага пред почетокот на сединицата и да влезе во дневен ред. Не е поврзано со роковите на кои се повикувате и пленумот одлучува за ставање на дневен ред по скратена постапка и затоа се оди на второ читање во комисијата“, рече Џафери

Пратеникот од Демократски сојуз, Павле Трајанов, рече дека со владините предлози се настојува да се покријат коруптивните елементи на договорот постигнат со „Бехтел и Енка“. 

„Прво е потпишан договор, па се носат закони кои се усогласуваат со договорот. Беше сосема логично да се донесат прво измените на законите, па да се потпише тој договор“, рече Трајанов.

За Маја Морачанин од ДОМ  е неприфатливо овие пет закони да бидат усвоени со европско знаменце бидејќи не се врши усогласување на законската регулатива со европското законодавство. 

На ова Мицевски ги повика, како што рече, петте пратеници од мнозинството кои што се противат на владините решенија, да ја напуштат салата кога ќе се гласа, како што тоа ќе го направат и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, и така мнозинството ќе нема кворум.

По ова предлозите на законите беа образложени од страна на владините претставници по што се премина на гласање, при што пратениците одлучија измените и дополнувањата да се донесат по скратена постапка. (Н.В.)