Зајкова: 102 молкa, 1 живот помалку – електронска нараквица за сторителите на насилство


Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова се огласи на Фејсбук по повод грозоморното двојно убиство и самоубиство кои го завија Велес во црно изминатите неколку денови, се вели во соопштението од ЛДП, што МИА го пренесува интегрално.

„Предложив на 1-ви април да превенираме, за никогаш повеќе да не санираме штети кои се ненадоместливи. Кога зборував, молчеа. Молчеа и без аргументи го отфрлија предлогот за електронска нараквица за превенција на жртвите од насилство. Дали денес мирно спиете сите 102 што пратеника што не дадовте поддршка?!? Доволно е“, пишува во својата објава на социјалната мрежа Фејсбук.

На седницата во Собранието, одржана на 1 април, ЛДП поднесе предлог за изменување и дополнување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, со кој ќе се доуреди привремената мерка забрана за приближување на сторителите до жртвите.

Предлогот значеше дека покрај забраната за приближување, сторителот на себе треба да има електронска нараквица која ќе ја предупредува жртвата дека сторителот се приближува до одредено место, односно на оддалеченост помала од 100 метри.

Предлог законот не се изгласа, односно на седницата доби подршка само од 12 пратеници/чки, додека 102 пратеника воопшто не се изјаснија.

И Зелената партија ДОМ најостро реагираше на монструозното убиство на младата Росица и нејзиниот татко во Велес.

„Не станува збор за „индивидуална трагедија“, туку за директна последица на институционалниот колапс. Кога полицијата, обвинителството, судството и центрите за социјална работа не постапуваат согласно законските надлежности, тогаш може да се зборува за поддршка која води кон репродукција на насилството“, се наведува во соопштението од ДОМ, што МИА го пренесува интегрално.

„Случајот покажува дека системот свесно им дозволува на насилниците да не бидат санкционирани сè додека не завршат со фемицид. Со тоа што над 70 пријави за закани и насилство се игнорирани, не може да зборуваме за институционален „пропуст“, туку за институционално злосторство!
Јавно предупредуваме дека граѓаните и граѓанките се соочуваат со систем што ја одржува мизогинијата и ја нормализира културата на мразење на жените. За жал, ако институциите постапуваа, Росица ќе беше жива денес.Бараме итна одговорност, односно разрешувања на сите раководни лица што затаиле во СВР Велес, кривична одговорност за секое службено лице кое свесно игнорирало пријави за закани, како и системски реформи во протоколите за заштита на жртвите на насилство.
Македонија мора да покаже дека женските животи се вредни за институциите да се разбудат и реагираат“, стои во реакцијата.