Захариева: Од кревањето на ветото штета ќе имаат граѓаните на Македонија


 

Поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија и сегашен пратеник, Екатерина Захариева (ГЕРБ), денеска изјави дека пребрзото кревање на ветото ќе им нанесе штета на Бугарија и на Македонија. Во разговор за БГНЕС, Захариева вели дека „граѓаните на Македонија ќе загубат од избрзаното кревање на ветото. Во нивен интерес е да се реформира Македонија. Во нивен интерес е историјата да ја знаат таква каква што е, а не измислената историја што е создадена за да ги оддалечи од Бугарија и бугарштината“.

Таа оценува дека кревањето на ветото ќе бил подарок за Владимир Путин. „Со своите постапки и говор, Кирил Петков ги поткопува напорите на Бугарија за реформирање на Македонија и Путин ќе добие сојузник во една европска држава“.

Според неа, Франција не може да ги гарантира барањата на Бугарија доколку тие не влезат во преговарачката рамка и не бидат одобрени од сите земји-членки на ЕУ.

Захариева го потсетува Петков дека Бугарија е членка на ЕУ, а не Македонија.

Според неа, премиерот Петков не е свесен за последиците за Бугарија од непромисленото укинување на ветото.

„Дел од пропагандата на Скопје е дека ако не почнат преговори, тоа ќе ги приближува до Русија. Всушност, тие никогаш не се оддалечиле. Тоа е наш проблем и тоа многупати сме им го кажале на нашите европски партнери“, вели Захариева во разговорот за БГНЕС.

Денеска во бугарскиот парламент се формира ново мнозинство при смената на спикерот Никола Минчев во кое се ГЕРБ, Има таков народ, ДПС и изразито проруската и националистичка партија Преродба.