Загрижува прашањето колкав дел од јавните средства се наоѓаат во Алта банка: Реакции на СДСМ, Левица и ДУИ
Случајот со Алта банка отвора прашања кои одат многу подалеку од проблемите во една банка. Станува збор за управувањето со јавните средства, финансиската безбедност на државните институции и можната поврзаност меѓу политичките одлуки и банкарските интереси.
„Особено загрижува прашањето колкав дел од јавните средства се наоѓаат во Алта банка и врз основа на кои критериуми институции и јавните претпријатија одлучувале да ги користат нејзините услуги.
Кој одлучил, кој ги одобрил тие одлуки и кој ја проценил финансиската изложеност на јавните средства?
Дали изборот на банката бил резултат на независни финансиски проценки и транспарентни процедури или постоело политичко влијание врз одлуките на институциите?
Дали биле анализирани ризиците поврзани со сопственичката структура на банката? Дали постоеле предупредувања и, доколку постоеле, кој ги добил и како постапил по нив?
Прашањето веќе не е само што ќе се случи со Алта банка. Прашањето е дали државата знае колку јавни пари се изложени на ризик, како тие завршиле таму и кој бил должен да ги заштити, се вели во соопштението на ДУИ.
„Додека гувернерот Трајко Славески ја уверува јавноста дека АЛТА банка Битола е ликвидна и високо капитализирана, илјадници граѓани се соочуваат со ограничен пристап до сопствените пари. Со одлука на Народната банка, на физичките лица им е наметнат неделен лимит од 10.000 денари, експозитурите се затворени, а електронското банкарство е недостапно, пишува во денешното соопштение на Левица.
„Славески пресметал дека 10.000 денари неделно се доволни за секојдневните потреби, но очигледно во неговата математика нема место за кирија, лекување, рати, сметки и непредвидени трошоци.
Дополнително, за апсурдот да биде поголем, обврските кон самата банка се изземени од лимитот. Односно, кога граѓанинот ѝ должи на банката, мора да плати, а кога банката располага со неговите пари, граѓанинот мора да чека.
Оваа состојба отвора сериозно прашање за пропорционалноста на мерките и одговорноста на институциите. Во септември 2025 година беше одобрено преземањето на Стопанска банка Битола од српската АЛТА банка, а само нешто повеќе од една година подоцна, на српскиот сопственик му е одземена дозволата за работа. Народната банка, како институција надлежна за банкарскиот надзор, има обврска да објасни какви проверки биле направени при влезот на инвеститорот, какви информации биле разменувани со српскиот регулатор и кога биле препознаени ризиците.
Ужасно е што ограничувањето најтешко ги погодува обичните луѓе, особено пензионерите кои денес чекаат пред затворени експозитури. За функционерите од ДПМНЕ 10.000 денари можеби се статистичка категорија, но за едно семејство тоа се храна, лекови, струја и покрив над глава!
Иритантен е фактот што Славевски не чувствува никаква одговорност да докаже дека избрал неопходна и најмалку рестриктивна мерка. Заштитата на банкарскиот систем не смее да се сведе на административно ограничување на животните потреби на граѓаните.
Парите на граѓаните се нивна сопственост, а не инструмент за покривање на ризиците што институциите биле должни да ги контролираат!“, се вели во соопштението на Левица.
„Зошто гувернерот крие колку пари Вучиќ префрлил во Македонија? Дали останаа тука или продолжија понатаму кон Москва? Сега, кога контролата е преземена, не можат да кажат дека не знаат, пишува во денешното соопштение на СДСМ.
„Зошто се кријат податоците и дали Мицкоски и останатите членови на мафијата имаат свои сметки во Алта банка?
Во Србија веќе се приведени лица поврзани со Алта банка, а против нив се поднесени кривични пријави.
Кај нас сè уште се крие обемот на трансферот и се тврди дека банката е во одлична форма. Ако е така, зошто граѓаните не можат да си ги подигнат заштедите?
Славески воведува мерки за заштита на криминалните пари, наместо да ги заштити штедните влогови и парите на граѓаните, особено на пензионерите кои имаат сметки во Алта банка.
Ова е заштита на капиталот на криминалците, на сметка на граѓаните чии депозити се заробени.
Обвинителството мора да реагира. Дадовте заклетва дека сте во служба на граѓаните, не на оваа мафија на власт. Ќе одговарате и вие ако продолжите да ја чувате оваа банда“, се вели во соопштението на СДСМ.