Заев, Села и Гаши на чекор до договор за околу 2.700 граѓани без државјанство
Направен е сериозен исчекор напред по однос на решение за Законот за државјанство, изјави премиерот Зоран Заев по средбата во Собранието со лидерите на албанската опозиција Зијадин Села и Африм Гаши.
Средбата беше нов обид за решавање на проблемот со немањето на државјанство на одреден број граѓани, од чиј исход зависи одблокирањето на работата на Собранието. Заев не сакаше да навлегува во детали за договореното, но посочи дека станува збор за 2.727 барања за државјанство. Премиерот посочи дека очекува конечен договор до крајот на оваа недела, откако експертите ќе ги усогласат деталите.
Заев дополни дека денешниот договор треба да биде доволна причина ВМРО-ДПМНЕ и Левица да ги повлечат амандманите за Законот, а коалицијата Алијансата за Албанците и Алтернатива до дозволат носење на петтиот пакет мерки за поддршка на стопанството.
Претходно Арбер Адеми од ДУИ порача дека грашаните без државјанство не се „ни 70 илјади ни седум илјади, туку бројот на барањата за државјанства што се во процедура се нешто над 2.600, од кои помалку од 1.300 се од Албанци“. Тој ја обвини опозицијата за манипулација со бројки.
„Во периодот од 1991 до 2021 година, односно за 30 години од независноста, со македонско државјанство се стекнале 43.321 Албанец, а одбиени се 3.374 барања. Во постапка за државјанство се над 2.674 барања, од кои помалку од половина, односно помалку од 1.300, се поднесени од Албанци“, рече Адеми.
Тој рече дека дури и да се работи само за едно барање, ова прашање ќе се реши бидејќи е прва точка од политичкиот договор. Но, рече дека Села манипулира со бројката за да добие ситни политички поени.
Тој ја повика повика албанската опозиција да престане со манипулација на чувствата на Албанците и да ја игра улогата на вистинска опозиција, односно да биде коректор на власта и да се откаже од блокадата на Собранието со која 16.000 лица се останати без плати поради тоа што не се изгласани законите за економските пакети.