Заев за ЕУ: Ако не обезличат, џабе ни е и да не однесат на Марс


Премиерот Зоран Заев смета дека е можно да се постигне решение со Бугарија до јуни и оваа година да има прва меѓувладина конференција. Притоа, вели, македонскиот јазик и македонскиот идентитет не можат да бидат на маса, оти тие никаде не се на маса. За тоа, како што рече, никаде во светот за тоа не се преговара. Историјата, вели, не може и не смее да биде пречка. Најважно е каква историја ќе напишеме сега за идните генерации.

Насетувам дека прозорецот на решението е тие да го потврдат нашиот македонски народ и македонски јазик и тоа да биде на сигурно, и ќе биде на сигурно заради тоа што никогаш додека сум јас тука, нема да бидеме во ЕУ. Затоа што обезличени сме прашина. Ако сме прашина може да не донесат на Марс, џабе е. Кој ќе влезе во ЕУ ако не македонскиот народ? Кој да влезе? Со кој јазик ќе влезе ако не со македонскиот јазик? Така што, нема дилеми околу тој дел, рече Заев.

Тој додаде дека делот на историјата може на елегантен начин да го разработиме така што ќе се покаже дека еден период навистина сме имале заедничка историја.

-Тоа е формулацијата и во Договорот за соработка со Бугарија. И тука треба да застанеме. Притоа, никој не бега од историјата. За тоа што е историја постојат документи насекаде и готово. Некој различно толкувал, ние, они, нека кажат историчарите. Зарем јас, или Борисов, или Захариева и Османи сме попаметни од експертите, од историчарите. Ќе го најдат решението. Ние сме тука да ги охрабриме. Јас верувам дека ќе изнајдеме решение токму низ тој прозорец, истакна премиерот.

Тој додаде дека решението може да се најде до јуни.

– Јас чувствувам дека можеме, можеме мај – јуни да седнеме, да изнајдеме решение. Јас очекувам навистина оваа година да има прва меѓувладина конференција, понатаму секако треба да се заврши скринингот, па да ги отвораме потоа првите поглавја, потенцира Заев.

Решевањето на проблемот со Бугарија вели треба да биде билатерално.

-Треба ние да го решиме проблемот со Бугарија. Европа е тука, стратешките партнери, САД се тука секогаш да дадат совет, да помогнат. Знаете како, Договорот со Бугарија го постигнавме билатерално. Договорот со Грција го постигнавме билатерално.  Големите закони коишто ја ослободија нацијата мултиетнички ги постигнавме дома, вели Заев во „Само интервју“ на Канал 5 .  

Тој најави дека разговорите со Бугарија ќе продолжат по завршувањето на изборите кои треба да се одржат на 4 април.

-Јас верувам дека постои решение. Јас сум човек којшто навлегува во суштината и во структура на проблемите. Постои решение. И притоа при едно вакво решение двете страни мора да имаат дома логично објаснување. Но, треба да знае нашиот народ дека јас сум човек кој постигнал договори и тие не биле баш среќна околност за сите, но денеска станаа реалност за сите, Треба да збнае дека се добри за нас, добри се и за соседна Грција, а притоа ги отворија сите перспективи за иднината на генерациите што доаѓаат по нас. Но, знам и да кажам не. Сакав и јас да имаме во декември прва меѓувладина конференција, сакав да нема блокада. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет не можат да бидат на маса. И никаде не се на маса. Затоа што за тоа не се ни преговара никаде во светот. Тоа е чувство. Го сфати мојот другар Алексис Ципрас, го сфатија сите, дека тоа е нешто за кое што не се преговара, дециден е Заев.

Тој вели дека и со сегашниот премиер на Бугарија повеќепати се осврнувал на прашањето  на историјата.

-На крајот, со Борисов сум зборувал што правиме со таа историја што сега ние ја пишуваме, за која што по 10-20 години децата, младите ќе ни кажат… Борисов и Заев напишаа убава историја или напишаа грозна историја  што не направи непријатели, рече премиерот во интервјуто.