Заев во Ранковце го промовираше договорот за големиот ветерен парк


Борбена порака на Зоран Заев до членството

Лидерот на СДСМ отиде денеска на изборна трибина во Ранковце за да го промовира договорот со германската компанија „Впд“ за изградба на ветерен парк од 69 ветерници во кој ќе бидат вложени 500 милиони евра.

„Од сонцето и од ветерот правиме струја. Овде во Ранковце како и во соседните општини, ќе се гради 415 мегаватна ветерна електрана од страна на германската компанија ‘Впд’ инвестиција вредна 500 милиони евра, најголема гринфилд инвестиција во историјата на македонската економија”, им порача Заев на граѓаните на денешната средба во Ранковце.

„Ќе се постават вкупно 69 нови ветерни турбини. Тоа е за четири пати повеќе од оние 16 турбини поставени долж границата со Грција. Овде ќе биде најголемиот капацитет од обновливи извори на енергија во Северна Македонија. Само за споредба, станува збор за капацитет кој го имаат двата од вкупно трите блока на инсталиран капацитет од РЕК ‘Битола’ во најдобрите години“, рече Заев.

„Дополнително, со изградбата на двете 50-мегаватни електрани на приватни инвеститори, како и на две електрани на ЕСМ од по 10 мегавати, ја трансформираме електраната ‘Осломеј’ од електрана на јагелн во фотонапонска електрана. Наш врвен приоритет останува влогот во обновливи извори на енергија. Правиме струја и од отпадот. Започнува изградба на модерни депонии коишто отпадот ќе го преработуваат во енергија. Со ова трајно ќе ги решиме децениските проблеми на депонии и незаконско расфрлување ѓубре и смет“, потенцираше Заев и додаде дека продолжуваат вложувањата во чист воздух, чиста вода и чиста почва.