Заев: Во првиот круг СДСМ добива 22 градоначалници, а ВМРО-ДПМНЕ 6


Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вечерва на митингот во Гази Баба објави дека неговата партија и коалиција ќе освојат 22 градоначалнички места во првиот круг, а ВМРО-ДПМНЕ шест.
 
„Гази Баба гази цврсто, кон уште една чиста, праведна, заслужена и голема победа!
И еве вечерва од Гази Баба да ја испратиме и првата проценка за 17 октомври на изборите, нашиот политички противник ќе добие шест градоначалници, а коалицијата на чело со СДСМ ќе победи во првиот круг со најмалку 22 градоначалници. Тоа е три  и пол пати повеќе. Слушајте ми го зборот, добро сум упатен, добро информиран, 22 на 6 во првиот изборен круг“, истакна Заев.
 
Тој додаде дека граѓаните на Гази Баба најмногу ја заслужуваат победата и повика покрај за кандидатите за градоначалници на Гази Баба и Град Скопје, Борис Георгиевски и Петре Шилегов, да го дадат својот глас и за советничките листи предводени од Александар Димитриевиќ во Гази Баба и Софија Пејкова во Град Скопје.
 
„Драги мои сограѓани од Гази Баба победата вие во Гази Баба ја заслужувате најмногу од кој било граѓанин на било која општина на Македонија затоа што овде за овие четири години се сработи три пати повеќе отколку последните четири години на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа продолжете напред, продолжете со најдоброто, продолжете да победувате“, порача Заев пред граѓаните на Гази Баба.