Заев во Кочани: Мицкоски се бореше против пожарите со сликање од мобилен


Лидерот на СДСМ оцени вечерва од Кочани дека неговиот ривал од ВМРО-ДПМНЕ се борел против пожарите со тоа што се сликал со мобилен телефон.

„Христијан Мицкоски покрај тоа што не нуди ништо, сака политички да профитира од несреќите и да собере некој ситен политички поен. Уште не беше пристигнал во Кочани, побрза на Фејсбук да напише дека е во Кочани и се борел против пожарите“, рече вечерва Заев на митингот во Кочани. И потоа запраша:

„А како се бореше? Исто како што се ‘бореше’ против корона вирусот. Со ширење лажни вести, додека сите водеа беспоштедна битка против огнот. А во меѓувреме, блокираа сѐ во Собранието. И шестиот пакет економски мерки и покачувањето на платите и пензиите, сега блокираат Клинички центар, трајно вработување на 4.700 наставници, блокираат отпис на камати за долгови, блокираат недела не работен ден. Тоа ли Македонија за сите луѓе? Не, тоа што го нудат е Македонија за сите луѓе на режимот и на Груевски. Македонија заробена, поделена, осиромашена и задолжена“, рече тој.

Заев му порача на Мицкоски: „Еве од тука од Кочани, јас да му кажам една вистина на Мицкоски, а тоа е – ќе изгубиш и во Кочани и во цела држава. Ќе изгубиш затоа што народот не сака назад, не сака да се враќа во режим, народот не сака повторно да молчи. Народот сака напред, сака слобода и демократија и проекти на локално ниво, повисоки плати и пензии. Затоа ќе изгубиш и по број на градоначалници и по број на советници и по вкупно гласови и ќе изгубиш и во Град Скопје“, нагласи лидерот на СДСМ.

Тој побара од кочанци да гласаат за досегашниот градоначалник Николчо Илиев и за советничката листа на СДСМ и коалицијата.