Заев вели дека со Мицкоски никој не знае на што е затоа што немал став


Од митингот на СДСМ во Кавадарци

Лидерот на СДСМ вечерва од Кавадарци рече дека неговиот голем политички ривал, Христијан Мицкоски, бил човек кој нема став. „Со Христијан Мицкоски никој не знае на што е, тој нема став, еднаш вели едно другпат второ, а прави сосема трето. Човекот кого го разреши од местото потпретседател на партија, се расправаше со него, за на крај да застана до него, нудејќи го како негов кандидат за Кавадарци“, изјави Заев пред кавадарчани.

Заев е убеден дека и во Кавадарци и во другите општини ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ги очекува пораз, затоа што „граѓаните знаат кој работи за нивните а кој против нивните интереси“.

„Граѓаните се мудри граѓаните знаат да измерат и да оценат. Граѓаните гледаат кој ги раздолжи општините со 50 милиони евра и вложи дополнителни 500 милиони за проекти, а кој потроши 800 милиони за криминални тендери само во центарот на Скопје. Знаат граѓаните кој им должеше субвенции со години, а кој навремено им испалаќа субвенции. Знаат лозарите колку пари имаа од грозјето и колку приход имаат денес. Гледаат граѓаните и прават разлика и таа разлика ќе ја потврдат на денот на изборите“, нагласи Заев.