Заев стави потпис Албанец да биде премиер, тврди Груби

Втор член од владата од ДУИ во два дена повторно се навраќа на темата Албанец-премиер во кабинетот кој ќе биде технички пред изборите. По министерот за надворешни работи, Бујар Османи, тоа синоќа го направи и вицепремиерот Артан Груби кој на косовска телевизија го толкуваше она што го кажа неговиот партиски колега. И зборуваше како дошло до договорот во 2020 во последните сто дена на владата премиер да биде Албанец.
„Тогаш создадовме модерна кампања, која позотивно одекна и во Приштина и во Тирана, зашто проектот на Ахмети во договор со Заев практично ги урива табуата. СДСМ доби 46 пратеници, а ДУИ 15. Двете партии собраа 61 пратеник, доволно за формирање на Влада. Во коалицискиот договор што го постигнавме, Заев се соагласи во последните 100 дена тој да ја напушти Владата и да биде заменет со Албанец на функцијата премиер. Тоа и го напишавме и е потпишано, но и самиот Заев со изјава го потврди тоа што е договорено“, рече Груби.
На прашањето дали договорот ќе важи бидејќи Заев одамна не е премиер, Груби одговори потврдно и додаде дека тоа му го ветил сегашниот премиер Димитар Ковачевски.
„На првата средба со Ковачевски пред официјално да стане премиер беа присутни и Зоран Заев, беа и други функционери… Тој вети дека ќе важи истиот договор што беше постигнат со Ахмети па се ракувавме“, нагласи Груби и додаде дека личноста која ќе стане премиер ќе биде одлука на Али Ахмети.