Заев: Што е следно, Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати на бел коњ?

Заев на неговиот профил на Фејсбук напиша дека со поништените пресуди „директно се упатува на враќање, а со тоа и повторување на грозоморните дејствија“


Поранешниот премиер Зоран Заев реагираше на одлуката на Апелациски суд со која е укината пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“, со која поранешниот шеф на Управата за безбедности и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор.

„Што е следно, Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати невин на бел коњ? Па и утре да станеме членка на ЕУ тоа нема да го испере овој срам и блам“, реагираше Заев.

Заев на неговиот профил на Фејсбук напиша дека со поништените пресуди „директно се упатува на враќање, а со тоа и повторување на грозоморните дејствија“, како и дека „се мотивираат и други чинители да прават исти вакви грозоморни дејствија“.

Заев посочи дека стотици илјади граѓани со години се бореа да ги срушат алчните арамии од режимот и успеаја.

„Сега, некој се исмева со таа борба и се обидува да ја ништи освоената правда“, вели Заев.

Тој ги повикува сите надлежни од и околу правосудството, „сите со грам одговорност за иднината на нашата земја и нашиот народ, да не дозволат да застарат делата на Мијалков и да направат сѐ виновниците да одговараат бидејќи за нивните злодела има докази чисти како ден“.

Апелацискиот суд Скопје ги уважи жалбите на обвинетите за случајот „Таргет-Тврдина“ и ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување, додека жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е беспредметна.

Инаку за половина месец ова е втора пресуда со е укината од Апелација, а се однесува на Мијалков. Претходно тој беше ослободен за случајот „Трезор“.