Заев сака законот за СЈО да се донесе пред изборите за да не се користи на митинзи
Мал напредок во политичкиот дијалог околу законот за јавното обвинителство е постигнат деновиве, откри премиерот Зоран Заев, по средбата со Стопанските комори, а се надева и дека ќе биде донесен пред претседателските избори за да не се користи како аргумент во митинзи и кампањи.
„Разговорите течат. Има и мал напредок. Ќе оставам за тоа да коментираат министерката за правда и претставниците на ВМРО-ДПМНЕ коишто во моментот разговараат. Помалите опозициони партии како што е Алијансата на Албанците и Беса ги дадоа своите мислења, тие дадоа и јавно изјава. Гледаат на каде се движат работите. И логично е оставивме прво да се постигне договор со најголемата опозициска партија. Осумте пратеници коишто се во новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, исто така дадоа свои правци и инструкции. Јас верувам дека многу брзо тоа ќе вроди со плод и верувам дека ќе се изнајдат тоа да се донесе навремено за да може да се вклопи во Извештајот којшто се објавува по изборите за Европскиот парламент, но се пишува на почетокот на мај. Времето ни е многу кратко, се надевам дека ден поскоро ќе успееме да постигнеме консензус по ова прашање за да можеме да донесеме одлука во нашиот парламент“, рече Заев.
Заев смета дека би било убаво законот да се донесе пред изборите, за да може да влезе и во Извештајот на напредокот на Европската комисија.
„Би било убаво да биде пред изборите, заради тоа што тоа ќе значи дека го фаќаме април. Изборите завршуваат на 5 мај, тогаш е вториот круг. А впрочем ќе отстраниме поголема можност да се користи во митинзи, во кампања… Заради тоа што ова е системско решение. Се работи за еден од законите кој е најважен аспект за реформите во правосудството и затоа не за џабе е ваквата дебата којашто е отворена. Верувам дека ќе се постигне договор“, рече Заев.
На новинарско прашање, дали ќе поднесе оставка ако не добиеме датум за преговори од Брисел, Заев рече дека апсолутно нема да поднесе оставка. Верува дека ќе има датум.
„Прашањата кои во моментот се разгледуваат, тесниот простор меѓу Европскиот парламент односно изборите за него, по кој се објавува Извештајот за напредокот на ЕК и четири дена неколку парламенти имаат можност да го усвојат овој извештај за да има даде пас на земјите членки и Советот на Европа да ја донесат одлуката. Јас верувам дека оваа година нашата земја е добие конкретен датум за преговори и немам дилема околу тоа. Посебно знаејќи дека остана само еден закон кој треба со политички дијалог да го договориме и не верувам дека причината за недонесување на овој закон ќе биде од наша страна, затоа што транспарентно го изготвивме законот, огромно мнозинство стоиме зад него. Треба, за жал двотретинско мнозинство да се обезбеди. Ако го обезбедиме ние немаме друг услов, којшто е од делот на критериуите коишто ни се дадени за добивање на датум. Сите други услови кои ни беа дадени при проектираниот датум за преговори се исполнети, остана уште политичкиот дел на договарањето за усвојување на Законот за Јавното обвинителство“, рече Заев.