Заев: Приказни се информациите дека Црвенковски ќе формира партија


Фото: Б. Грданоски

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, ги нарече приказни информациите дека поранешниот претседател и премиер Бранко Црвенковски ќе формира своја политичка партија непосредно пред внатрешните избори во владеечката партија. Сепак Заев ги упати новинарите за тоа да го прашаат Црвенковски, иако не верува дека тој  може да биде нешто друго освен СДСМ.

-Претседателот Црвенковски не може да биде ншто друго освен основач на СДСМ и затоа не верувам во вакви приказни дека тој ќе формирал нова партија. Тоа ни е јасно на сите и не е точно, но дефинитивно треба да го прашате него. Тој е еден од основачите на СДСМ беше премиер, претседател наш општественик. Шпекулациите се присутни поради новата листа во Охрид од наши докажани социјалдемократи. СДСМ покажа сериозно единство и за време на опозиција и за време на власта, одговори Заев на новинарско прашање.  

Тој на незадоволните  кои најавуваат нова листа им порача дека секогаш  внатре во телата на партијата можат да најдат решение за таа компетитивност кој што да биде и за амбициите да бидат кандидати за градоначалници и слично. Убавината наша, рече Заев, е што сме многу различни во своите амбиции, сфаќања и предлози и низ тоа го градиме единството, бидејќи  знае и раководството да се повлече од свои одлуки, но и членовите во корист на раководството па така, според него, градат одлуки кои се од најголема корист за граѓаните.  Тој беше сигурен дека и на овие избори СДСМ ќе настапи обединета и ќе победи, а претходно треба да бидат мудри и да ги изберат најдобрите кандидати.