Заев повтори дека можно е да не се одржи меѓувладината конференција со ЕУ

Премиерот Зоран Заев потсети дека празникот на 11 Октомври го запознал народот дека е можно да немаме решение, односно да не се одржи првата Меѓувладина конференција меѓу земјава и Европската унија.

– Дефинитивно денеска стојам како на тој 11 Октомври, дека постои сериозна можност да ние не добиеме прва Меѓувладина конференција со ЕУ, вели Заев.

Тој сепак додаде дека напорите за изнаоѓање решение се засилени.

– Ќе дадеме се од наша страна како енергија, како памет, како мудрост, но секако има работи за кои никаде во светот не се преговара, ниту кај нас ќе се преговара и тоа бугарската страна го сфаќа. Сфаќаат дека нашиот идентитет, нашиот македонски јазик се наше чувство, наше право и државите не преговараат за оваа работа, така што ние продолжуваме да изнаоѓаме решение, коeшто секако би било прифатливо за двете страни, заклучува премиерот Заев.

Тој оцени дека за ова прашање не треба да се прави политиканство и дека треба над се да биде интересот на државата.

– Секојпат сме транспарентни, пред Парламентот којшто не избра и да бидеме присутни секаде. Никаде во светот, ниту пак кај нас во финалето за разговорите, заради тоа што на 17-ти, во вторник е веќе Советот на министри на ЕУ, во Собрание ќе дојдеме заради покажување на мускули од опозицијата, заради тоа што тие не се никако одговорни, покажале дека не се одговорни барем во последните години. Апсолутно за ништо не им е гајле и грижа што е со иднината на државата, рече Заев, одговорајќи на прашање во врска со расправата во Комисијата за надворешна политика во Собранието иницирана од опозицијата.

Тој додаде дека Владата има обврска државата да оди напред, државата да успева и слично и, како што наведе, би било навистина глупаво или неодговорно да направиме нешто што ќе го стави под прашање процесот на разговорите, односно ќе предизвика нелагодни ситуации или основи за непостигнување на договор.

– Не велиме дека ќе се постигне договор, одговорив дека постои голема веројатност да не се постигне договор. Остануваме оптимисти заради тоа што низ оптимизмот може навистина да бидеме и креативни и да изнајдеме решение, исткана премиерот.

Заев нагласи дека дефинитивно е неприфатливо да се прави плитикантство и да се собираат политички поени и да се гледа политички интерес од нешто што е стратешки интерес на државата, како што е првата меѓувладина конференција и стартот на преговарачкиот процес.

За нас државата е интересот на граѓаните се пред се и над се, потенцира премиерот Заев.