Заев од Штип: Доаѓа време за покрупни проекти за општините


Доаѓа време на покрупни проекти за општините, изминатите четири години докажавме дека Владата има слух за општините, реализирани се над 7.000 проекти во сите општини, изградени се 60 градинки, 80 училишта, 60 објекти за полицијата, 34 здравствени установи, 20 домови на култура, театри, општински згради, порача вечерва од митингот во Штип, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на кој се промовираше кандидатот за градоначалник за Општина Штип, Сашко Николов и листата за советници предводена од Александар Мишев. Порача дека за следниот мандат ќе се реализираат илјадници проекти и во Штип, истокот и во цела Македонија.

Лидерот на СДСМ забележа  дека општините наследиле долгови, а централната власт помогнала со нивно раздолжување со 50 милиони евра, дополнително обезбедени беа и 500 милиони евра за реализација на проекти за сите општини.

„Цврсто сме посветени на силен развој и ве уверувам доаѓа време на уште покрупни капитални проекти во општините, бидејќи сета енергија ја насочуваме во следните четири години кон забразан локален економски развој, за европски живот за сите, дома, во вашиот сокак, во вашето маало, во вашата општина“, рече Заев.

Тој се осврна и на понудата на опозицијата.

„Последните денови се изнаслушавме измислици од опозицијата, без конкретни планови, без реални пресметки и буџетски проекции, истурааат како од ракав, народски речено, проекти коишто немаат врска со реалноста. Таквиот несериозен однос е навреда за граѓаните, кои веќе добро знаат да препознаат што може, а што не може да се оставри. Ние даваме збор што планираме, тоа и го одржуваме“, рече тој.

Заев ја побара поддршка од штипјани за кандидатот за градоначалник, Сашко Николов и советничката листа, со цел проектите да продолжат и наредните четири години, меѓу приоритетните проекти е реконструкцијата на старата водоводна линија, изградба на обиколницата Запад, секундарна гасификација на градот Штип.

Поддршка од штипјани за Николов и советничката листа побара и поранешниот градоначалник, а сега актуелен министер за транспорт и врски, Благој Бочварски.