Заев од Гостивар побара гласови за советничката листа за да се спречат блокадите на ВМРО-ДПМНЕ


 

Во недела граѓаните ќе го кажат своето, ќе ѝ дадат ветер во грбот на својата земја, ќе ја поттурнат напред и ќе им го покажат грбот на деструктивните сили, секој го гледа нашиот труд последниве години за да ја унапредиме државата и квалитетот на животот, порача вечерва од Гостивар претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Тој посочи дека ќе продолжат успесите на нашата држава и дека СДСМ во секоја општина го носи најдоброто.

„На овие избори покрај градоначалничките места исто толку важни се и листите за советници. Развојот и напредокот на општините зависи и од локалните совети,од нивната капацитетност и одговорност пред граѓаните. Затоа, ве повикуваме, во недела, да гласаме за советничките листи на СДСМ, за советници кои ќе реализираат проекти, а не за оние кои блокираат и опструираат. Да гласаме за развојот кој го нудат советите на СДСМ, а не за блокадите со кои се заканува ВМРО-ДПМНЕ.

Да не им дозволиме да блокираат градинки, училишта, улици, водоводи, канализации, паркови. Сите сме сведоци на блокадите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Тоа сакаат да го прават и во советите, но нема да им го дозволиме. Нивните блокади кога се малцинство, не можат да му наштетат на народот.Токму затоа Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, ама и Алијанса и Села треба да бидат малцинство во советите. Гласајте за советници кои ќе бидат одговорни кон својот народ, кои ќе соработуваат со централната власт“, порача Заев.

Тој наведе повеќе проекти кои централната власт ги подржала во Гостивар: изградба на гасоводната линија Гостивар – Кичево со кредит од ЕБОР, рехабилитација на магистралниот пат Гостивар – Колари во должина од 28,5 километри, изградба и опрема на детска градинка во Гостивар со капацитет за 90 деца, набавка на седум возила за одржување на јавна хигиена преку проект МСИП, изградба на водоводна мрежа во Гостивар, нова спортска сала во основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“.