Заев: Обезбедивме фер избори, и покрај противењата на опозицијата

Премиерот Зоран Заев, на отчетот за стоте дена работа, се пофали дека како Влада обезбедиле избори во фер и демократска атмосфера, наспроти резервите на опозицијата, и дека тие покажале дека тоа била исправна и единствено можна одлука.

„И покрај пандемијата обезбедивме слободни и фер избори и дадовме можност уште еднаш граѓаните да ни дадат доверба, а ние да обезбедиме развој на државата, европска интеграција и справување со пандемијата. Изборите беа единствената оправдана одлука. Се покажа дека погрешни беа тврдењата дека изборите нема да бидат безбедни. Опозицијата всушност сакаше да не блокира во работата и да ја блокира финансиската помош за справување со епидемијата”, изјави премиерот.

Како главен предизвик за Владата во изминатиот период тој сепак ја посочи пандемијата, набројувајќи ги сите реновирани и новоотворени оддели и болници за да се обезбеди здравствена грижа за што повеќе граѓани.

„Ја реорганизиравме државата и нејзиниот здравствен систем да одговориме на предизвиците кои ги создаде оваа болест. Партиципиравме за вакцини против Ковид-19, а во меѓувреме ги зголемивме болничките капацитети и овозможивме голем број тестови, како и брзи тестови”, рече Заев.

Откако ги наброја сите обновени капацитети, тој рече дека  во готовност се ставени и државните и приватните клиники, а воедно се премина кон нов антикризен пакет и пакет за помош како на стопанството, така и за граѓаните. Вкупно, над една милијарда евра се насочени кон стопанството и граѓаните, рече премиерот.Тој нагласи дека за 230 илјади граѓани е започната исплатата на помош од по 6.000 денари, како поддршка на стандардот на ранливните категории граѓани погодени од кризата.

Во првите 100 дена, рече Заев, потпишани се договори со стопански субјекти во износ од 56 милиони евра, и дополнителни 25 милиони евра. „Поддржуваме и стопански субјекти кои во услови на пандемија почнаа инвестициски активности”, рече тој и нагласи дека главниот фокус на новиот буџет е инвестирање во здравството и образованието.

Потоа Заев опширно информираше за проектите од областа на енергијата, како и за новите инвестиции, од изградбата на приклучоци на гас преку Грција, кои ќе бидат од стратегиско значење и за целиот регион, па сѐ до замена на енергијата во одредени капацитети со еколошки горива. Според него, претстои голем фокус на еколошки проекти со цел обезбедување на поздрава животна средина – изградба на секундарната гасна мрежа,  брз и еколошки автобуски превоз во Скопје и процедура за прогласување на дел од Водно како заштитена средина, покрај прогласувањето на Осоговските планини. Исто така информираше дека се зголемени 20 пати глобите за загадувачите и се зголемува бројот на инспекциските служби.

„Постепено преминуваме кон еколошки извори на енергија и постепено го исфрламе јагленот. Имаме тимови за преговори за наши инвестиции во терминалот за гас во Александропулос, Грција, што ќе обезбеди трајно и стабилно снабдување со гас. Креираме сисатем што ја прави Македонија дистрибутивен центар за горива во регионот“, рече премиерот. Тој спомена и повеќе проекти за изградба на ветерници со цел да се обезбедат 400 мегавати обновлива енергија со што  Македонија ќе биде  лидер во обновливи извори на енергија во регионот.

Премиерот се пофали и со успешното одвивање на наставата во основното и средното образование, како и со реновирањето и отворањето нови градинки. Според него, комбинираниот модел на настава го следат успешно над 90 отсто од учениците, а за   првпат има грантово финансирање на иновативни проекти на универзитетите при што со иновативни  ваучери се обезбедени 15 милиони евра, додека сајтот „е-услуги“ е надграден со нови услуги. 

Во изминатите сто дена, нагласи тој, конечно се изгласа и Законот за заштита од дискриминацијата и е изготвен законски проект за недела како неработен ден. Македонија, рече премиерот, има непроценливо културно наследство и за првпат заради негова заштита е определен рекорден буџет, споменувајќи ја реконструкцијата на црквата во Курбиново.

„Ред, правда, дисциплина, прочистување на судството, тоа беа нашите ветувања. Еве добивме  позитивен извештај од Европската комисија. Предметите водени од СЈО продолжуваат пред судовите”, рече Заев за најжешкото прашање на внатрешен план за Владата. Тој додаде дека со одлуката на Уставниот суд, со која јасно стана дека поништувањето на аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов е уставна и законска, пропадна, како што рече, и последниот обид на обвинети лица опфатени со амнестијата да се ослободат од одговорност.

– Ќе потсетам дека само Мицкоски беше против измените на Законот за Јавното обвинителство со кое се гарантираше иднината на предметите или што би рекол и самиот тој, беше единствениот кој застана на браникот на криминалот, рече Заев. Тој додаде дека Владата помага во изготвувањето на методологијата за прочистување во правосудството, со цел да се одвојат чесните од нечесните судии и обвинители.

Тој информираше исто така дека можеби веќе денеска Законот за попис ќе биде изгласан на пленарна седница, оценувајќи дека попис бараат граѓаните, но тој и е потребен и на државата заради нејзиниот развој и затоа оваа пролет ќе биде спроведен.

„Нашата борба е долга, трчаме маратон, а не спринт, рече во своето експозе по повод 100 дена од Владата, заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски.

„Имаме обврска да бидеме отворени, отчетни пред вас. Уште на самиот почеток презедовме мерки за секој кој го прекршил законот да се сноси одговорност. Донесовме нов кодекс на однесување за членовите на Владата и сите именувани функционери од истата. Веќе видовме разрешување на функционери. Ќе бидат разрешени сите оние кои понатаму ќе ги прекршуваат одредбите од новиот конекс на однесување, истакна Николовски. Според него, ни треба систем во кој чесните и заслужните ќе бидат наградени, а не казнети за својата чеснот и одговорност.

Одговарајќи на прашања, премиерот Заев рече дека првите десет дена од декември има поголема наплата во буџетот и  тој е стабилен иако севкупниот БДП паѓа заради падот на целокупната европска индустрија со која сме поврзани. Сепак, долгот на државата драстично е зголемен заради големиот пад на БДП и е меѓу 60 и 70 проценти. Тој нагласи дека владата има намера да се дофинансира од продажба на државен капитал како Пошта, Железница, регистрацијата на возилата со странски таблички што ќе донесе плус приходи и слично, за да се подготви државата евентуално за трет бран на вирусот, иако очекува напролет сепак да заврши пандемијата и да почне да се зголемува растот на економијата. 

Вицепремиерот за политички систем Артан Груби го искористо отчетот за да ја повика опозицијата на конструктивна соработка, бидејќи како што рече, она што таа до сега го прави и нуди не добива поддршка од граѓаните.

-Вчерашните победи во Пласница и во Штип се потврда и се предгласник за тоа што ќе следи во октомври наредната година. Вчерашниот ден е сигнал дека координираното и свесно бојкотирање на седниците на Собранието, радувањето за неодржувањето на меѓувладината конференција со ЕУ и секојдневно блокирање на улици за измислена кауза не поминува и нема поддршка. Затоа јас заеднички ги повикувам опозициските партии, да ја прифатат нашата поддадена рака за искрена соработка, заедништво и конструктивност, истакна вицепремиерот Груби.

Тој истакна дека во владината коалиција постои кохезија и оти сите чинители во неа заеднички работат во интерес на сите граѓани.

-Откако станавме членка на НАТО го заокруживме нормативниот дел на Охрискиот договор и ги спроведовме итните системски реформи, а тоа е економска преродба владеење на правото и кристално чисто заслуженото членство во Европската унија заедно со придружни елементи за подобар живот на сите граѓани. Коалицискиот договор е продукт на компромис и е склоп на најдобрите решенија за реализација на проектите во наредните три и пол години. Владењето го започнавме со демонстрација на законитост преку рушење на дивоградбата во Чаир поддршка на општината за да се испрати јасен сигнал за нашата определеност, рече Груби.