Заев не сака да го коментира назначувањето на Ерол Муслиу за прв човек на Агенцијата за разузнавање


Премиерот Зоран Заев не сака да го коментира назначувањето на Ерол Муслиу за прв човек на Агенцијата за разузнавање, откако од ДУИ реагираа дека човек што бил дел од безбедносните служби не треба да биде на чело на такви институции.

– Јас знам дека претседателот знае понекогаш да ме консултира за одредени прашања. тоа се негови надлежности и секако негово право е. Верувам дека консултациите ќе продолжат за ова и за други прашања. Претседателот на државата ќе одговори, јас немам амбиции да аспирирам во тој дел знаете дека сум  прилично внимателен. тоа е негова надлежност, но секако верувам дека транспарентноста и правото на коментирање од сите политички партии е добредојдено – рече Заев во изјава по работниот појадок со бизнисмените. 
Инаку, ДУИ побарала од претседателот на државата Стево Пендаровски повторно да ја разгледа одлуката за именувањето на Ерол Муслиу за прв човек на Агенцијата за разузнавање.
– Нашите информации говорат дека одлуката е заснована на недоволни информации и дека не е злонамерна, меѓутоа ставот на ДУИ е дека додека не се расветлат до крај кумановските настани, ниту еден човек кој што бил дел од службите тогаш не треба да биде на чело на таквите сензитивни институции. Затоа очекуваме дека во овој период претседателот ќе собере повеќе информации и ќе рефлектира по однос на неговата одлука, рече вицепремиерот Бујар Османи во својство на портпарол на ДУИ во изјавата за медиумите по обраќањето на меѓународниот семинар „СЕП, Центарот за обуки и димензијата на човечките ресурси“.
Една од првите одлуки на претседателот Пендаровски по стапувањето на функцијата која беше соопштена вчера од неговиот кабинет е назначувањето на Ерол Муслиу за нов директор на Агенција за разузнавање. Муслиу порано работел во Управата за безбедност и контраразузнавање, а во последниве години во Агенцијата за разузнавање.