Заев: Не ми пречи пркосот на Пауновски, туку инаетот
Премиерот Зоран Заев вели дека не му пречел пркосот на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, заради кој Владата вчера го разреши, туку му пречело неговото инаетење и одбивање да спроведе закон кој се однесува на распределбата на административните работници примени согласно Рамковниот договор.
-Жалам за коментарите дека ми пречел пркосот. Пркосот навистина е вредност, и кога тој доаѓа од институција е исто така вредност, но инаетењето и неспроведувањето на одлука на Влада и на етичката поставеност дефинирана во норматив што се вика Етички кодекс не е, рече премиерот Заев одговарајќи на пратеничко прашање на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова.
Според премиерот Заев, директорот на ДПИ Пауновски одбивал да комуницира и, ако имал некави забелешки и аргументи, требало да ги соочи со членовите на Владата.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова го праша премиерот Зоран Заев врз основа на кои членови и по кои закони е разрешен Пауновски.
„Администрацијата е костур на државата. Значи не ме шокира тоа што ве подржаа двајцата министри, Николовски и Груби, туку ме шокира консензусот со кој што ја донесовте одлуката, која е директно спротивна на принципот на владеењето на правото, а кој што е основен Копенхагенските критериум. Точно е дека директорот на Државниот пазарен инспекторат е именуван од Владата, кое е исто така лошо решение бидејќи тоа треба да биде преку конкурс, ама ете така е. Меѓутоа апсолутно тој не е подреден на премиерот ниту на министрите. Не постои никаква хиерархија помеѓу државна и јавна администрација. Тој стои на чело на една институција која функционира само врз начелата на стручност и компетентност“, рече Силјановска-Давкова.
Вели дека ја шокирало тоа што 90 проценти од вработените застанале зад него, но не и министрите.
Директорот на ДЗИ Пауновски одби да прими 35 рамковни административци во институцијата со која раководеше со образложение дека не се квалификувани за работните места.