Заев најави инвестиции од над 8 милијарди евра до 2027 година


Давање на зимскиот центар Попова Шапка под концесија од 99 години на позната европска компанија, изградба на дистрибутивен центар на Лидл во Скопје и отворање повеќе маркети на овој познат малопродажен синџир, 30 нови инвестиции во економските зони, изградба на нови фабрики, патишта, гасни централи, фотоволтаици се дел од проектите кои во наредните години треба да ја преобразат македонската економија, да отворат нови работни места и да го зголемат домашниот бруто производ. За таа цел до 2027 година ќе се инвестираат над 8 милијарди евра, најави денес на прес конференција премиерот Зоран Заев на која го претстави Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 година. Повеќе од половината, или над 4,2 милијарди евра се странски инвестиции или грантови од Европската унија преку инвестицискиот план за развој на Западниот Балкан, додека околу 3,8 милијарди евра ќе бидат домашни, државни средства.

„За ефикасна реализација на Интервентниот план за инвестиции ќе се формира посебна единица за следење на инвестициите“, рече Заев додавајќи дека уделот на државата во овој план е усогласен со Фискалната стратегија и со другите документи. Зборувајќи за определбата на државата кон чиста енергија Заев рече дека граѓаните треба да знаат дека тоа ќе чини пари, посредно најавувајќи дека во наредните години ќе се зголеми цената на електричната енергија, но додаде дека ќе се изработат програми со кои ќе се помогнат социјално ранливите категории граѓани.

„Но, оваа година не очекувам зголемување на цената на струјата“, нагласи Заев.

Како појдовна основа за Интервентниот план послужил Европскиот инвестициски план со кој околу 9 милијарди евра се наменети за земјите од Западен Балкан, од кои околу 900 милиони евра се наменети за нашата земја.

„Инвестицискиот фокус е во енергетската инфраструктура, патната, железничка и гасоводна инфраструктура, отпадот и пречистителните станици, преработувачката индустрија, малопродажбата, јавното здравство, комуналната инфраструктура, туризмот, но секако и многу други проекти“, рече Заев.

Така, меѓу другото, Заев рече дека Владата е пред постигнување финален договор за давање под концесија на 99 години на зимскиот туристички центар Попова Шапка, инвестиција вредна 50 плус 50 милиони евра со еден од најголемите инвеститори во скијачки центри во Европа.

„Инвестицијата ќе даде нов симул за туризмот што ќе го смени имиџот на државата“, рече Заев додавајќи дека во завршна фаза е и студијата за Царев Врв на Осогово, за инвестиција од околу 50 милиони евра во вид на јавно-приватно партнерство.

Тој најави повеќе проекти во енергетиката – германска инвестиција во изградба на ветерна електрана од 400 мегавати, во вредност од 500 милиони евра, потоа 100 мегавати фотонапонска електрана и вложување на 70 милиони евра. Станува збор за проектот во Осломеј, потоа учеството во проектот Александропули, за гасна централа и за гасен терминал, каде што нашиот удел е 10, односно 20 отсто, повеќе  фотонапонски централи и тн.. 

Една од поголемите инвестиции е како што ја нарече „големата надеж“ во енергетиката, односно сопствената инвестиција на 470 хектари на локацијата каде што требаше да се гради аеродромот кај Штип. Станува збор за фотонапонска електрана од 300-350 мегавати која ќе биде веројатно најголемата од таков вид на Балканот, односно колку два блока од РЕК Битола. Инвестицијата е 200 милиони евра.
Заев ги посочи и инвестицијата во ТЕЦ Неготино, како и инвестиција на фирма од Луксембург во добивање енергија од отпад, која ќе биде 336 милиони евра, со плазма согорување, во затворен систем без оџак, што значи дека е еколошка.

„Овој проект претставува целосно решавање на отпадот на 74 отсто од територијата на нашата земја“, рече Заев.

„Лидл“ ќе изгради дистрибутувен центар во Скопје, а потоа и неколку маркети. Вредноста на инвестицијата е околу 300 милиони евра, во тек се преговори за  локациите, а посебно е значајно што оваа инвестиција ќе овозможи и пласман на домашни производи во овој познат малопродажен синџир.

Клиничкиот центар е во вредност од 500 милиони евра со можност за грант од ЕУ од 250 милиони евра. Заев уште еднаш апелираше до опозицијата да учествува во реализацијата и контролата на овој проект.

Во втора фаза е проектот Чебрен, инвестиција за која се заинтересирани девет големи компании и која се проценува од 500 до 800 милиони евра, каде што се очекува учество на ЕСМ од околу 30 отсто.

Од проектите во индустријата, Заев најави голема македонска инвестиција за производство на челични производи и фотонапонска електрана во вредност од 250 милиони евра, според Законот за стратешки инвестиции, со најмодерна технологија, и треба да генерира половина милијарда евра од извоз на челик.

Заев најави и бројни инфраструктурни проекти – завршување на повеќе регионални патни правци, завршување на автопатот Кичево- Охрид, изградбата на автопат кон Косово итн, потоа инвестиции во железницата, завршување на гасификацијата во земјава, инвестиции во селктирање на отпад, нова фаза од проектот Вардарска Долина.

„Патната инфраструктура е околу 1,6 милијарди евра, железничката инфраструктура е 1,12 милијарди евра, гасната инфрастурктура е 200 милиони евра наши инвестиции и 300 милиони евра јавно приватно партнерство и канализациите и водоводите се 35 милиони евра преку Министерството за транспорт и врски и 50 милиони евра преку Министерството за животна средина“, рече премиерот Заев.  

Тој нагласи дека странските инвеститори продолжуваат да инвестираат во земјава и најави над 30 инвестиции од странски инвеститори од Германија, САД, Холандија, Турција и други, во економските и во технолошко индустриските развојни зони, кои ќе донесат нови фабрики и илјадници нови работни местта.

„Интервентниот инвестициски план 2021- 2027 година претставува јасен и одлучен пост ковид чекор, навремено подгготвен со кој излегуваме од пандемиската криза и со кој го трасираме патот на македонската економија согласно светските трендови за обезбедување квалитетни услови на живот за секој наш граѓанин“, рече Заев. (М.Ј.)