Заев на отворањето на последната делница од Коридорот 10: Величествен потфат за целиот регион


Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го отвори за сообраќај јужниот крак на Коридорот 10 кон Македонија и Грција кај Грделичката Клисура.

Вечерва свое обраќање имаше и македонскиот премиер Зоран Заев, кој искажа голема благодарност за поканата да присуствува на овој значаен чин за Балканот, но и воопшто за Европа во областа на инфраструктурното поврзување.

Премиерот Заев им оддаде признание на раководството на Србија и на градежниците за успехот во пробивањето на најтешката делница, со што Македонија сега е поврзана целосно со автопат со Европа. Тој додаде дека ова не е само величествен потфат само за Србија, туку и за целиот регион.

„Македонскиот народ ве сака, го сака српскиот народ, сакаме блиска соработка со вас“, рече Заев.

На свеченоста, покрај претседателот и премиерот на Србија, присуствува и Милорад Додик од Република Српска, како и дипломатскиот кор во Србија.

Целиот проект чинеше 400 милиони евра и ова беше најтешкото градилиште во Европа. Пред четири години на Коридорот 10 имало околу 36 милиони автомобили годишно, а веќе минатата година имало 56 милиони автомобили.

Тунелите Предејане и Манајле достигнуваат должина од 2,8 километри, минирани се ридови заради скротување на природата, исправнено е коритото на реката Јужна Морава, а 33. мостa се со вкупна должина од 5,7 километри. На делницата кај Гредичка Kлисура вградени се 560.000 тони асфалт, а должината на сите потпорни конструкции e околу 15 километри.