Заев и Мицкоски го одложија пописот за септември
По долги месеци постојани напади едни врз други првите луѓе на двете најголеми партии денеска покажаа изненадувачка конструктивност за најголемиот број прашања. Нивните изјави беа повеќе признание за соработка отколку за конфронтација
Слободанка Јовановска
Премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, зад затворени врати во Клубот на пратениците одржаа повеќечасовна средба во четири очи од која излегоа со помирувачки изјави и договор да се одложи пописот
Мицкоски оцени дека денешната средба била успешна и оставиле отворена врата и за други средби. Веќе од утре ќе биде покрената постапка за изгласување на измените на Изборниот законик за да се овозможи гласање со отисок на прст. Околу работата во парламентот се согласиле ВМРО-ДПМНЕ да работи заедно со мнозинството на сите закони кои се однесуваат на интеграцијата на Македонија во ЕУ и сите закони што се однесуваат околу поддршката на економијата за пандемијата и другите од тој пакет.
Околу вакцинацијата Заев известил дека во текот на април ќе стигнат околу 350.000 вакцини, а потоа до мај околу два милиони дози што е доволно да се имунизира целото населението. Од тој аспект, се согласиле пописот да биде одложен и да се одвива од 5 до 30 септември, а апликацијата за дијаспората да остане активна дотогаш, додека локалните избори да бидат одложени за втората половина на октомври.
„Се договоривме дека довербата треба да се гради, дека дијалогот е двонасочна улица, а дали ќе бидеме натаму конструктивна опозиција ќе зависи од тоа дали ќе имаме конструктивна власт“, рече Мицкоски појаснувајќи дека не станало збор за никаква експертска, концентрациона или друга влада, што биле според него шпекулација.
„Не сакавме да политизираме, не сакавме да се занимаваме со политиканство туку да спасиме човечки животи“, одговори Мицкоски на новинарската дилема дали ретерира неговата партија по повеќемесечно барање предвремени избори и најави за уривање на владата. Тој најави исто така дека и во иднина, ако има потреба од ваков тип на средби меѓу него и Заев тие ќе се одржат, вклучувајќи и проширен состав, мислејќи на албанските опозициски партии.
Премиерот Заев го повтори договореното нагласувајќи дека тоа што е важно дека дијаспората ќе продолжи да се попишува и дека сега е испратена порака и до граѓаните дома да учествуваат во оваа статистичка операција. Внимававме, рече Заев. пописот да не се поклопи со изборната кампања за локалните избори.
Околу Изборниот законик уште утре треба да се свика седница на Собранието да се усвои измената да се набават машини за отпечатоци на прстите. Мицкоски рече дека за оваа тема денеска кај претседателот на Собранието разговарале координаторите на пратеничките групи и постигнале согласност. Се разговарало и за избор на градоначалници во првиот кру, но ако некој од кандидатите освои барем 30 отсто од вкупниот број запишани гласачи. Работните групи на партиите ќе разговараат интензивно за предлогот Македонија да биде една изборна единица на идните парламентарни избори, како и да има отворени листи за советници на локалните избори оваа година. Се разбира, и за усвојување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Законите, како тој за изградба на Клиничкиот центар, за петтиот пакет мерки, за пензионирањето со 64 години, за бесправните градби, за законот за државјанства, за екологијата и други закони што се заглавени сега ќе бидат одблокирани, а работни групи веднаш ќе седнат да разговараат за унапредување на Изборниот законик, вклучувајќи го и барањето за отворени листи на СДСМ и барањето на ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување 30 отсто поддршка за избран кандидат, дијаспората да може да гласа и надвор до дипломатските преставништва, како и други барања на помалите политички партии. Тој најави средба со сите парламентарни политички партии од опозицијата, вклучувајќи ја тука и Левица.
„Се согласивме дури и за тоа дека имаме стабилно мнозинство во Собранието“, рече Заев, нагласувајќи дека Мицкоски покажал доблест околу деблокирањето на работата на парламентот.
„Сите сме за тоа да се попише дијаспората“, рече Заев, додавајќи дека не барал опозицијата да не ја врши работата на опозиција во Собранието, но да се овозможи нормална работа. За МРТ и за АВМУ тој рече дека договориле дека таму не треба да претендира да даде свој кандидат ниту една партија, најавувајќи практично дека се договориле да се деблокира и смената во тие институции која е заглавена со години.
„Не очекувам за сѐ да бидеме договорени, но оваа средба покажа дека можеме ако се сака“, рече Заев.
Околу вакцинирањето во Србија Заев рече дека не е пријатно за нив како влада и дека ќе беше подобро да се вакцинираа дома, но ја оцени како доблесна одлуката на Белград. Тој потсети дека имаме договорено 2.600.000 вакцини од разни извори, дека не се штеделе пари, дека биле легнати на сметки за да се платат вакцините, дека барале начин како да дојдат побрзо, но се соочиле со одлагање, како и другите земји. За април тој потврди дека очекува масовна имунизација со 350.000 вакцини.
За измените во законот за државјанство, на кои инсистира албанската опозиција, тој порача дека не е можно да се прифати давањето државјанство со тројца сведоци бидејќи ако се дава така државјанството, со тројца сведоци ќе може и да се одзема.