Заев: Граѓаните кои доаѓаат самоиницијативно на партиските митинзи не држат дистанца
Премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање колку се почитуваат протоколите за заштита од Ковид-19 на партиските митинзи, упати одговори да се бараат кај надлежните институции. Проблемот, како што рече, е што самоиницијативно доаѓаат граѓани кои не држат соодветно дистанца.
– Се гледа распоредот на столчињата како се наместени согласно протоколите, веројатно проблемот е што дополнително луѓето кои доаѓаат од страна не ја запазуваат неопходната оддалеченост и целосното почитување на протоколите. Нема никакви договори, сите си ветивме дека ќе направиме се имајќи предвид дека работиме со граѓани кои доаѓаат самоиницијативно на ваквите јавни собири. Организаторите на митинзите ќе направиме се за максимум да се почитуваат протоколите, рече Заев на прес-конференцијата во Владата.