Заев го спореди Мицкоски со шоферот со врзани очи од филмот „Ко то тамо пева“ 


СДСМ во Битола ги донесе сите 68 кандидати за градоначалници и сите носители на советнички листи

БИТОЛА – „Знам дека вие битолчани сте добри познавачи на филмска уметност и сигурно се сеќавате на филмот ‘Кој тоа таму пее’. Се сеќавате на сцената кога синот на возачот на стариот автобус седнува зад воланот со врзани очи и познатата реплика ‘Вози Мишко’. Луѓето од ВМРО-ДПМНЕ веќе четири години играат во свој филм, само што политичкиот татко од Будимпешта на својот послушен син не му вели ‘Вози Мишко’, туку ‘Кочи Мицко’! А овој, кочи ли кочи. Со врзаните очи не може да види какви штети ѝ нанесува на својата земја. Затоа кочничарите ги очекува уште еден пораз  на 17 октомври“.

Со ваква реторика лидерот на СДСМ Зоран Заев се обрати пред битолчани на вечерашниот митинг на плоштадот „Гоце Делчев“ во Битола. Пред стотиците насобрани битолчани, СДСМ во Битола ги донесе сите 68 кандидати за градоначалници и сите носители на советнички листи од државата манифестирајќи победничка атмосфера.

Заев рече дека опозицијата на чело со Мицкоски води погубна политика со врзани очи и порача дека државата мора да оди напред без кочници.

„Кога велам јас сум тој истиот Зоран Заев по малку се сомневам да не случајно има двајца луѓе со исто име  и презиме. Еден Зоран Заев, кој е овде со вас и носи меѓународни награди и признанија, номинации за Нобелова награда. И еден друг Зоран Заев кој во својата татковина се соочува со фејк њуз напади оркестрирани  иницирани и финансирани од Будимпешта. Пописот ќе покаже дали постои еден или двајца Зорановци со презиме Заев. И ако има двајца бидете сигурни дека се скарани“, рече Заев.

Лидерот на СДСМ на овие локални избори се одлучи за нов кандидат за Битола, Христо Кондовски, но јавно пред битолчани искажа благодарност до градоначалничката во заминување Наташа Петровска, велејќи дека посветено и чесно ѝ служеше на Битола. Петровска по сѐ изгледа не дојде на митингот, барем не во првите редови каде ѐ беше местото.  

„На битолчани им треба претприемач, им треба менаџер за да биде Битола уште подобра. Христо е човек со срце, со душа и подадена рака за секој свој сограѓанин. Човек кој несебично го помогна опремувањето на неколку вакцинални пунктови во државата. Финансиски го помогна и ФК Пелистер“, рече Заев претставувајќи го Кондовски. (А.Б.)