Заев ги прашува соработниците дали да си оди, тие му велат „не“
Политичката драма од Брисел се пресели во Скопје. И пред официјално да заврши самитот на Европската Унија, на кој Македонија не доби зелено светло за старт на преговорите за членство, премиерот Зоран Заев вчера се врати во земјава. Во текот на денот беше во телефонски консултации со дел од европските лидери, кои го советувале да не се откажува, но разочараноста кај претседателот на македонската влада беше очигледна и не можеше да се сокрие.
Веќе во раните утрински часови проструија гласишта дека Заев ќе поднесе оставка, а со него заминува и министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој во земјава се врати во попладневните часови. Неофицијалните информации говореа дека веста за повлекувањето, лидерот на СДСМ најпрво им ја соопштил на партиските потпретседатели. Тие го убедувале да не дава оставка.
Консултациите во премиерскиот кабинет траеја речиси цел ден. Најблиските и најлојалните соработници влегуваа и излегуваа, а тој се слушнал и со германската канцеларка Ангела Меркел. Високи извори од СДСМ потврдија дека во игра биле сите опции: од оставка на Заев од Владата и итни предвремени избори со техничка влада и премиер, до тоа друг кадар на СДСМ да го доврши мандатот или Заев да остане до пролет на чело на Владата додека биде потпишано членството во НАТО, а потоа техничка влада и итни избори.
Кон крајот на работниот ден на „Илинденска“ пристигна и коалицискиот партнер Али Ахмети, кој му дал поддршка на Заев да остане на чело на Владата.
Заев неколкупати најави дека при црвен картон во Брисел, тој ќе понесе политичка одговорност бидејќи самиот тој, меѓу другото, ги уверувал пратениците да гласаат за договорот од Преспа и да го сменат уставното име на земјата.
Кога е во прашање Димитров, тој вчера пред да тргне за Скопје, се огласи на Твитер, од каде што порача дека најмалку што може ЕУ да направи во овој момент е да биде искрена кон нас и да каже дали и натаму го почитува Преспанскиот договор.
Се јави и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој не размислува да даде оставка, имајќи предвид дека е главен преговарач со ЕУ.
„Ние сме дел од Европа и денешната неправда не смее да нè оддалечи од нашите напори да продолжиме со имплементацијата на реформите, изградбата на добрососедските односи и негувањето на соживотот и мултикултурното општество, односно едноставно да продолжиме во изградбата на европска Република Северна Македонија. Јас немам дилеми дека европскиот кредибилитет не само во земјава туку и во целиот регион од денеска е нарушен. И тоа е нормална, логична и природна последица кога една Унија изградена на принципи ќе го наруши основниот принцип и нема да го одржи сопствениот збор“, смета Османи.
Во меѓувреме, претседателот Стево Пендаровски закажа лидерска средба, на која се одзваа сите лидери на политичките партии. Во вилата на Водно в недела ќе се разговара за зацврстување на евроатлантските аспирации и покрај негативниот епилог во Брисел, но не се исклучува можноста да се отвори темата и за предвремени избори, на што инсистира опозицијата и во македонскиот и во албанскиот политички кампус.
Горан Адамовски