Заев ги почна разговорите во Брисел со заеднички македонски став


Зоран заев попладнево во Брисел се сретна со Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ. На разговорите беа и Никола Димитров и Бујар Османи

И власта и опозицијата имаат унисон став: Македонија треба да ги почне преговорите со ЕУ без натамошни условувања и Унијата треба да го испорача она што го вети

 

Како ретко кога македонски премиер отиде на разговори во Брисел со поддршка од целата македонска политика дека државава направи сѐ што од неа бараше Европската унија и сега Унијата мора да го испорача она што го вети за европската агенда да не биде компромитирана во Македонија и да не ја изгуби поддршката во општеството.

Зоран Заев попладнево во Брисел ја имаше првата од многуте закажани средби – со Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за преговорите меѓу Србија и Косово и за целиот Западен Балкан. Лајчак потоа на Твитер соопшти: „Денеска, на Денот на Европа се сретнав со премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Никола Димитров, и шефот на дипломатијата Бујар Османи да разговараме како да се отворат преговорите за пристапување“.

Во исто време и Заев се огласи на Твитер велејќи: „Северна Македонија го одработи својот дел од обврските. Време е ЕУ да испорача, без одложување, бидејќи секоја поинаква одлука ќе го наруши крдибилитетот на ЕУ пред целиот Западен Балкан“.

Истоветна порака со оваа на Заев денеска  кажа и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, во Прилеп.

„На Денот на Европа бараме Европа да го испорача тоа што го вети. Тоа е: датум и преговори веднаш и сега, без дополнителни услови, без дополнителни барања од овој мал народ во срцето на Балканот, кој има чесни луѓе и заслужува да го почне патот кон полноправно членство во Европската унија… Престанете со дополнителни услови. Преговори сега и веднаш, а паралелно со преговорите, нека течат разговорите со источниот сосед. Тоа е формулата за успех и тоа треба да се случи уште на самитот на крајот на јуни. Тоа е едногласна порака од која нема да отстапиме. ВМРО-ДПМНЕ и македонскиот народ не се подготвени да отстапат ниту една национална концесија“.

Заев пред некој ден зборуваше на ист начин: „Не ни треба Европската унија по цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, затоа што ќе бидеме прашина изгубена низ ветрот и кој тогаш ќе влезе во ЕУ“.

Без оглед на меѓусебните остри обвинувања меѓу власта и опозицијата кој и како владее, дали некој прави криминали или не, овој заеднички став може само да ја зајакне македонската позиција меѓу земјите членки на ЕУ, особено по контроверзната најава на комесарот за проширување, Оливер Вархеи, дека поради блокадата на Бугарија имало идеи да се разделат Македонија и Албанија. На одреден начин, ВМРО-ДПМНЕ се спротивстави на ваквите изјави на нивниот партиски пријател, Вархеи, сместувајќи ги во графата на пристрасност кон Бугарија.

Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, денеска на прославата на Денот на Европа ги поврза европските вредност и одлуката за почнувањето на преговорите. „Нашата битка денес е всушност битка и на Европа самата со себе, да си го одржи зборот. Крајно време е да ги почнеме заслужените преговори за членство и така ќе бидеме заеднички победници“.

И првиот вицепремиер, Артан Груби, денеска зборуваше на ист начин: 

„Сите потребни и непотребни компромиси, ние лидерите на оваа земја ги направивме, вклучително и спроведувањето на Рамковниот договор, Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство заокружено со сите реформи кои ги побара ЕУ. Ние ја докажавме нашата храброст, сега храброст треба да демонстрираат лидерите на ЕУ и да не ја држат во заложништво иднината на нашите граѓани“, рече Груби.

Освен што има повеќе извештаи дека функционерите и дипломатите во Брисел биле вознемирени од чудните изјави на Оливер Вархеи, нема никакви други најави како би можела Унијата да ја премости блокадата на Бугарија, чиј прв чекор треба да се случи на состанокот за министрите за надворешни работи во вторник, 11 мај, кога треба да се расправа за Западен Балкан. Нејасно е кој ќе ја претставува Бугарија на таа средба – техничката министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, или новиот шеф на дипломатијата во службената влада која претседателот Румен Радев треба да ја објави истиот ден.

Заев утре треба да се сретне со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, нејзиниот прв заменик Франс Тимерманс, со шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, со министерот за надворешни работи на претседавачот Португалија, Аугусто Силва, и други личности. Потоа ќе замине во Шпанија на разговори со премиерот Педро Санчез, а оттаму во Атина на економски форум каде ќе има средба и со грчкиот колега Киријакос Мицотакис. ЕУ треба да ја донесе одлуката за првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија на самитот во јуни. Во Бугарија тогаш ќе има службена влада која ќе ги подготвува изборите закажани за 11 јули. (Н.В.)