Заев е уверен дека СДСМ и коалицијата ќе имаат повеќе градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ


Претседателот на СДСМ Зоран Заев ги оцени вечерва локалните избори како демократски, фер, слободни и европски. Обраќајки се до јавноста тој рече дека „СДСМ и Коалицијата победуваат во прв круг или имаат сериозно водство и влез во втор круг пред ВМРО-ДПМНЕ во повеќе од 30 општини во земјава.

„Најдоброто победува и води пред ВМРО-ДПМНЕ во повеќе од 30 општини и секако во Градот Скопје“, рече Заев набројувајќи ги општините Струмица, Крива Паланка, Карпош, Центар, Шуто Оризари, Кочани, Делчево, Крушево, Ресен, Дојран, Валандово, Македонска Каменица, Богданци, Берово, Кривогаштани, Пробиштип, Пехчево, Демир Капија, Демир Хисар, Маврово Ростуше, Чашка, Росоман, Старо Нагоричане, Лозово, Конче, Арачиново, Чешиново Облешево, Дебарца, Долнени, Куманово и Градот Скопје.

„А, таму каде што води ВМРО-ДПМНЕ и влегува како прв во вториот круг видете ја структурата на гласови и ќе видите дека кандидатите од нашите коалициони партии одземаат сериозен број на гласови којшто секако се на коалицијата на прогресот во вториот круг“, рече Заев.

Тој смета дека поддршката која ја добиваат во првиот круг е сериозна.

„Тоа се стотици илјади гласови на народот. Тоа за нас е обврска и таа обврска ние ќе ја исполниме и нема да застанеме и да дозволиме на некого земјата да ја враќа назад. Пред нас е сериозна борба“, рече Заев додавајќи дека СДСМ и коалицијата НАЈДОБРОТО влегуваат во вториот круг во вкупно 36 општини, плус Градот Скопје.

Тој е уверен дека на крајот СДСМ и коалицијата ќе имаат градоначалници во повеќе општини во споредба со ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција, бидејќи, како што рече, „коалиционите капацитети се сериозни, граѓаните доминантно во мнозинство се за прогрес“.

„Јасна е пораката од народот – и таму каде што победивме и таму каде што не победивме. Народот сака уште повеќе работа и уште повеќе резултати. Тие резултати ќе обезбедиме со сите наши капацитети. Но, тие резултати се можни само со локални самоуправи кои гледаат и сакаат да одат напред. Тоа е можно само со коалиција која води напред“, рече Заев.