Заев: Не можеме да ве водиме напред ако Скопје влече назад


Првата порака до моите партиски другари, е дека добивме „жолт картон“ од граѓаните, од тоа колку ќе го послушаме нивниот глас зависи дали тој ќе стане црвен, за секој од нас и за сите нас. Почитувани граѓани, со чист образ сакам да побарам од вас да дадете шанса за земјата и општеството да продолжат да се движат кон иднината, наместо да се враќаат кон минатото. Барам да се сплотиме и обединиме околу оваа наша јасна и заедничка цел, да се обединиме сите. Во име на се што постигнавме досега сакам да пратам јасна порака на заедничко делување, бидејќи постои ризик земјата да ни се врати назад, истакна на денешната прес-конференција премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев.

Откако рече дека пораката е примена и дека е почнат процес на промени, лидерот на СДСМ, повика и на обединување.

„Сакам да побарам од вас да дадете шанса за земјата и општеството да се движат кон иднината, наместо да се враќаат кон минатото. Барам да се сплотиме и обединиме околу оваа наша заедничка цел. Да се обединиме сите слободумни, критички, демократски, европски, напредни слики. Во име на сè што постигнавме сакам да пратам порака на заедничко делување бидејќи постои ризик земјата да се врати назад, во неизвесност и криза. Повикувам да се обединиме и да продолжиме напред“, повика Заев.

Тој ги повика граѓаните да продолжат да се движат напред и да гласаат за кандидатите на СДСМ и коалицијата во општините каде што тие влегоа во втор круг, како и во градот Скопје. Токму на Скопје, Заев го стави и акцентот во неговото обраќање.

„Скопје ја влече земјата напред. Скопје е наше, на сите. Пред сè на скопјани, но и на сите други. На Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците … На сите кои живеат и поминуваат низ него. Нема напредок ако Скопје продолжи назад. Затоа народен мој, 31 октомври не е само избор за решавање на комуналните проблеми, 31 октомври е избор каде оди државата. А, може ли да државата да оди напред ако Скопје влече назад, може ли да државата да оди напред ако во Скопје се вратат нови галии, жални врби и нов кичерај. Мојата влада, нашата влада, може да води напред само ако и Скопје влече напред. Затоа повикувам да се обединиме и да гласаме за да живееме во слобода и демократија со власт која слуша и се коригира, а не со власт која е режим и пред која народот молчи“, рече Заев.

На новинарско прашање дали со ова најавува дека ако е кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов, не победи во Скопје, нема да функционира Владата повеќе, Заев рече дека тој не може да води влада, а да се движи во различни правци со главниот град.

„Јас реков дека јас не можам да водам влада и да движат во последни правци. Нашиот правец е напред, наред дома обединување, едно и еднакво општество за сите, владеење на правото, борба против корупцијата, унапредување на економскиот стандард. Ако градот е тоа што се нуди: национализам, поделби, повторно разединување помеѓу етничките заедници, кичерај и слично – не одат заедно. Исто така, интеграциите не може да продолжат со некој што не употребува ’С‘ од ’Северна Македонија‘ како уставно име. Веднаш се тоа кавги и со Грција и со Бугарија, а веројатно поради својата поставеност и национализам и со Албанија, и со Косово, и со Србија, и со целиот свет. Нашиот народ сака интеграција во ЕУ. Тоа едно со друго не оди“, одговори Заев.

Тој упати исто така благодарност до партнерите од владината колација кои, како што наведе, денеска во текот на целиот ден јасно порачаа дека остануваме заедно на демократскиот и европскиот пат и ги потврдија своите заложби држават да продолжи да се движи напред.

– Во овие моменти навистина значи јасно и јавно искажаната определба да бидеме обединети во исполнувањето на очекувањата на граѓаните и во обезбедувањето подобра иднина за целиот наш народ. Денеска се разобличија сите дезинформации кои ги слушавме претходните денови за наводни нови мнозинства. Денеска имаме јас потврда, имаме владино мнозинство и владина коалиција која е стабилна, обединета, коалиција која го води нашето општество напред, силна и сплотена. Продолжуваме да работиме посветено заедно за доброто на граѓаните. Но ние пред себе имаме друг предизвик, граѓаните ни упатија јасна критика, опомена, би рекол и казна, ние тој став, тој глас го слушаме, го разбираме и го уважуваме, потенцираше Заев.

Тој нагласи дека се свесни оти повеќе нема толеранција за повторување на истите грешки.

– Ние сме партија која ги слуша луѓето, а не гази врз нив. СДСМ учи, се менува, и ги поправа сопствените грешки за да обезбеди брз напредок на државата и подобар живот за граѓаните. СДСМ од понеделникот е влезена во процес на редефинирање и унапредување на каналите за интеракција и комуникација со граѓаните. Од овој момент СДСМ постапува по насоката која ја даде народот и СДСМ се менува, заклучи лидерот на СДСМ.