Заев бара да се доближи местото на вакцинирање до граѓаните
Општините кои имаа капацитет да обезбедат инфраструктура, сали и слично веќе ги отворија регионалните центри за вакцинација против Ковид-19, истакна премиерот Зоран Заев, но апелираше и до другите градоначалници, советници и општински власти да направат дополнителни напори за отворање на други регионални центри, за да може да се доближи местото на вакцинирање до граѓаните уште повеќе. Посочи дека сите здравствени домови се место на вакцинирање.
Но, потенцира премиерот, по ваквите регионални центри, како што е салата „Борис Трајковски“, по сите други останати што се отворени во државата и дополнително двата што се во најава дека ќе се отворат не треба да се застане туку да се продолжи со нивно отворање секаде каде може да се обезбеди инфраструктура.
Тој исто така порача дека Владата вложува напори да обезбеди вакцини од сите страни кога беше тешко тоа да се направи.
-Со десетици фирми е разговарано. Плаќани се авансни гаранции. Авансот со кој се обидовме да ја обезбедиме вакцината на „Синофарм“ секако дека е вратен, а деталите за тоа може да ги даде министерот за здравство, изјави денеска премиерот.Верувам, посочи премиерот, дека постои постапка за декласификација на сите документи, и тоа треба да го знаат граѓаните.
– Цените се познати за сите во светот кои ги набавуваат вакцините, сите останати држави на европскиот континент и во соседството и во светот. Тие се истите цени и кај нас. Ако постои механизам за декласификација ние ќе го направиме тоа како Влада, односно соодветните институции, за да може министерот за здравство да ги објави сите детали. Имавме напори одредени аванси да се платат, да се изгарантираат комплетно, но во меѓународното плаќање сето тоа се знае како се регулира. Ако се испорачаат нарачките, тогаш и плаќањето се спроведува. Тоа е само по себе доказ дека сме правеле се за час поскоро да ги набавиме вакцините, рече Заев.
Потенцира дека може апсолутно да потврди дека одлуките не ги носи ниту правниот сектор на министерот Филипче, ниту министерот Филипче, ниту Заев, ги носи Владата согласно сите информации кои стојат на располагање, согласно соодветните моменти на набавки на вакцините.
– Верувам дека есенскиот период ќе имаме дури и поевтини цени на вакцините, затоа што ќе има уште поголема продукција на вакцини, но се досега што е набавено е во корелација или еднакво со сите други набавки на другите земји околу нас или во Европа, додаде Заев пред СЦ „Борис Трајковски“ каде што се вакцинираше против Ковид-19 со вакцина од кинескиот производител „Синофарм“.