Заеднички ќе се креираат политики за минималната пензија


Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска имаше средба со претседателот на Партијата на пензионери, Илија Николовски и претставници од партијата. На средбата се разговараше за актуелните барања на пензионерите за покачување на пензиите, како и потенцијалните решенија кои можат да донесат подобар квалитет на живот на ранливите категории на пензионери, соопшти МТСП.

Од страна на присутните беше потенцирано дека линеарното покачување  ќе ја загрози стабилноста на пензискиот фонд и редовното примање на пензии за 330. 000 пензионери во државата.

-Во периодот којшто следи ќе се креираат социјални мерки кои директно ќе влијаат на квалитетот на живот на пензионерите со најниски примања и, посветено ќе се работи на Законот за минимална пензија, посочи Тренчевска.

Николовски на министерката и приложи предлози креирани од Партијата на пензионери кои можат да го подобрат квалитетот на живот на пензионерите, додека од страна на министерката беше истакнато дека сетоа тоа  ќе биде разгледано и внесено во материјалите за работа при носењето на решенија за пензиите.

Тренчевска покани претставник од Партијата на пензионерите на првата средба на работната група која ќе работи на Законот за минимална пензија и социјалните мерки, а ќе се одржи на 6 септември.

На секој први во месецот, пензијата ќе биде навремено исплатена и достапна за секој пензионер во државата, посочи денеска министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Таа информираше дека на 6 септември е закажана конститутивната седница на членовите на работната група и таму ќе се разговара за сите прашања поврзани со пензионерите и со минималната пензија.

Фото: Б. Грданоски

-Предвременото исплаќање на пензиите се вршеше согласно меморандумот за соработка со Банкарска асоцијација на Македонија, со цел да не се создаваат гужви и да се заштити здравјето на пензионерите за време на ковидот. Со оглед на тоа дека повеќе немаме пандемија со ковид, од Банкарската асоцијација се повлекоа од предвременото исплаќање, но сега од буџетот на државата, на секој први во месецот навремено ќе биде исплатена пензијата, изјави Тренчевска по пуштање во употреба на детската градинка во Карпош 3, во одговор на новинарско прашање.