Заедничка власт, играрија со сметка!
ИЛО ТРАЈКОВСКИ
Во политиката, дејствијата на политичките чинители не треба да се анализираат во изолација, туку земајќи предвид што секој од вклучените ќе прави имајќи ги предвид очекуваните однесувања на другите
Политиката се определува на многу различни начини. Зависно кој како ја искусува, како ја гледа и како ја сфаќа така и ја дефинира. А бидејќи е прилично стара работа, луѓето во различните епохи ја определувале на различни начини. Но секогаш и секаде зборот политика асоцира на неколку поопшти категории како, на пример, разлики, конфликти, надмоќ, власт, држава, интеграција и други. Последните случувања во македонската политика, особено двата изненадувачки потези кои ги повлече премиерот Зоран Заев ме потсетија на една од тие други асоцијации во врска со политиката. Тоа е идејата за играта. Оваа асоцијација отвора еден многу интересен агол на гледање на политиката. Се надевам токму тој аспект може да помогне да се сфатат изненадувачките политички потези на премиерот Заев.
Тој како политичар број еден во земјата најпрво побара гласање доверба на неговата влада во парламентот, а потоа на општо изненадување понуди заедничка влада со ВМРО-ДПМНЕ. Политичката стварност во која ги повлече овие два потези е таква што и двата потези имаа стопроцентно предвидлив исход каков што се доби. Бараната доверба му беше дадена, што беше и разумно очекувано, а понудата заедничка влада беше одбиена што беше, исто така, разумно очекуван исход. Тогаш вреди да се прашаме, што му стана на премиерот! Кога однапред го знаел или можел да го знае исходот на тие потези зошто ги презел? Да не откачил или пак е само обичен лицемер и блефер?
Не. Ниту откачил ниту е несериозен. Просто се игра политика. Премиерот политиката сериозно ја практикува како несериозна игра! Колку негови потези или изјави се дочекани со прашањето „Сериозно“! И порано сме виделе и чуле од него лично дека некои од потезите кои ги презема се ризични, но дека потенцијалните добивки се многу вредни и веројатни и дека затоа заслужуваат да се пробаат. Не знам дали како економист ја совладал теорија на играта како една од варијантите на економската теорија на разумниот избор. Но, очигледно дека ги разбира главните постулати на овие теории и своите политички практики ги осмислува во согласност со нив.
Од педесеттите години на дваесеттиот, благодарение на американскиот математичар Џон Форбс Наш Џуниор, идејата за играта навлезе во економијата. За успехот на оваа идејна рамка доволно зборува фактот дека нејзини застапници се најбројни меѓу добитниците на Нобеловата награда за економија. Преку економската теорија оваа идеја влезе во социологијата и политичката наука и пракса.
Што кажува оваа теорија за политичкото дејствување и што од неа можеме да заклучиме за изненадувачките потези на премиерот Зоран Заев? Овде не е ниту место ниту има потреба за тешки теориски расправи. Впрочем и самата теорија на игрите е инспирирана од играта како факт од животот на луѓето во нивното секојдневно живеење и дејствување. Според доказите на Јохан Хуизинга колку што држат вода сфаќањата на човекот како homo sapiens (разумно суштество), homo faber (работливо суштество) уште повеќе држи вода сфаќањето за него како homo ludens, како игриво суштество, суштество кое сака да се игра.
Точно, се играат и животните. Но, додека животните тоа го прават под силата на инстинктите, луѓето се играат слободно и само тогаш играат. Без слобода нема игра исто како што нема ни политика. Политиката е уметност или умешност на можното токму заради слободата да се летне и да се лебди над стварноста. Играта и политиката се креативни дејности. Да, нема гаранција дека паѓањето е исклучено. Но, токму таа веројатност од личен неуспех кој, на друга страна е успех на противникот, го внесува во играта и во политиката елементот на возбудата кој го овозможува надлетувањето и надминувањето на стварноста. Теоријата на игрите на политиката гледа како на разумна и пресметана употребна политичката моќ.
Основната премиса на оваа теорија е формулирана од Џон Ф. Наш во неговиот концепт еквилибириумот. Според него, секој играч, значи и политичарите како такви, дејствуваат свесно во насока на остварување на најмногу посакуваниот резултат, а имајќи ги предвид дејствувањата и целите на другите учесници во играта. Што ќе рече, секој играч настојува да ги максимизира своите добивки од некој исход имајќи ги предвид нивните верувања за тоа што другите прават. Политичкото дејствување е стратешки водено и осмислено заемно дејствување на повеќе политички чинители. Во политиката, дејствијата на политичките чинители не треба да се анализираат во изолација, туку земајќи предвид што секој од вклучените ќе прави имајќи ги предвид очекуваните однесувања на другите.
Во конкретните случаи, се чини дека Заев претходно анализирал што во однос на неговите неочекувани потези ќе прави ВМРО-ДМНЕ не како изолиран политички чинител туку како партија која ги познава другите политички партии кај нас и знае како тие ќе се однесуваат кон предлозите на премиерот.
(Ило Трајковски е универзитетски професор)