Зад „Даре Џамбаз“ нема да никне катна гаража, останува паркчето


Фото: Б.Грданоски
Паркчето зад салата „Даре Џамбаз“ во Општина Центар е спасено со одлука на Советот на општината за измена на Деталниот урбанистички план, со што е стопирана изградбата на катна гаража на тоа место.
Како што појасни градоначалникот Саша Богдановиќ, Деталниот урбанистички план „Даре Џамбаз“ со последната одлука донесена пред неколку дена од страна на советниците на Општина Центар успеале да ја  спасат оваа зелена површина, каде беше вцртана катна гаража, којашто беше планирана да се гради со претходните планови, донесени од претходните власти.
Фото: Б.Грданоски
„Со донесување на новиот ДУП, ова парче зелена површина, односно парк и место за рекреација на жителите од околните згради го спасуваме и им оставаме простор на луѓето да го користат овој дел како што на нив им одговара, односно да биде јавен простор“, рече Богдановиќ. „Доколку не се променеше, тука, во икс време ќе никнеше катна гаража и на овие граѓани кои живеат во зградите околу ќе им се издигнеше уште едно бетонско здание“.
Фото: Б.Грданоски
Богдановиќ информира дека со новите измени на ДУП за оваа градска четврт, ги задржале постоечките висини на објектите, односно секаде кадешто имало даден развој во претходните планови, тие биле намалени до постоечката форма.
Тој смета дека ако се изграденле или се дограделе катови на постоечките згради тие ќе го  нарушеа квалитетот на живот, а со ревидиреање на ДУП-от на граѓаните им се врача достоинството, им се враќаат зелените површини, јавниот простор. Најави дека ќе продолжат со оваа практика  во наредните ДУП-ови.
Со мораториумот во Општина Цента, предвидена е ревизија на 31 ДУП, од кои  три се веќе ревидирани, а остануваат 28.
„Ревидирање на план значи дека ги отстрануваме, ги заштитуваме, сите јавни површини кои што се во сопственост на државата односно под управување на Општина Центар и ние сите тие парцели кои претходно се користеле од претходните власти за градење на објекти ние сега ги пренаменување и ги враќаме на користење на граѓаните“, рече Богдановиќ.