За заштита на нископлатените и неформални работници ФООМ обезбеди 255.000 долари
Фондацијата Отворено општество – Македонија соопшти дека обезбедиле 255.000 долари поддршка за локалните ромски организации, организациите кои обезбедуваат бесплатна правна помош и организациите за заштита на човековите права, преку Заедничкиот фонд за брз одговор на КОВИД-19 на Фондациите Отворено општество.
– Справувањето со економските и социјалните последици предизвикани од здравствената криза ќе биде многу тешко и неизвесно во периодот што следува. Во изминатиов период проследивме сериозни прекршувања на работничките права и се соочивме со ситуација во која работниците ангажирани во неформалната економија останаа без приходи, се борат да преживеат и имаат многу тешкотии во остварувањето на правата што им следуваат со дел од владините антикризни мерки. Со оваа поддршка ќе се обезбеди ефикасна и навремена помош за голем број нископлатени и неформални работници, од кои најголем дел се жени, Роми и самохрани родители, за да добијат пристап до државните мерки за помош, неопходни за исполнување на основните животни потреби, и ќе се обезбеди заштитата на нивните работнички права, се наведува во соопштението.
Локалните ромски организации и организациите кои обезбедуваат бесплатна правна помош и заштита на човековите права ќе обезбедат поддршка во вид на: итна административна и параправна помош за остварување на владините мерки за помош, бесплатна правна помош за проширување на обемот на корисниците и давање помош на работниците од формалната и неформалната економија кои ги загубиле работните места.
Ќе биде озбезбедна и правна помош и судско застапување во случај на повреда на работничките, социјалните и други права, и заедничко застапување пред институциите за брзо, ефикасно и еднакво обезбедување на кризните мерки и почитување на работничките права.
Од Фондацијата Отворено општество – Македонија, како што наведуваат, се залагаат за почитување на основните човекови права и за достоинство за сите граѓани подеднакво и продолжуваат и натаму брзо и флексибилно да реагираат на сите закани за отвореното општество.