За власта рекордниот буџет за 2025 година е развоен со „нов концепт“, за опозицијата е расипнички
Критички забелешки имаат и од Фискалниот совет, а од Јавното обвинителство и од Судско-буџетскиот совет велат дека средствата за нив се под законскиот износ
Предлог-буџетот за 2025 година во рекорден износ од 6,5 милијарди евра, за власта е развоен со социјална компонента и се темели на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции, додека за опозицијата е расипнички, направен без никаква визија и ја води земјата во пропаст.
Критички забелешки за владинот предлог имаат и од Фискалниот совет, од каде што предлагаат неискористените средства за капитални инвестиции да не се пренаменуваат, туку да се сочуваат во инвестициски фонд кој би користел во наредните години. Од Јавното обвинителство и од Судско буџетскиот совет се пожалија на малиот износ на средства кои што се предвидени и кои што се под законски предвидените износи и не обезбедуваат судството да се справи со наталожените проблеми.
Во експозето, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека буџетот за 2025 година обезбедува непречено функционирање на институциите на државата и редовно сервисирање на обврските.
Според неа, Предлог-буџетот е развоен со социјална компонента, во кој дополнителна карактеристика е тоа што трендот на раст на расходите е понизок од трендот на раст на приходите, односно приходите се зголемени за 13 проценти, а расходите за 10 проценти во однос на 2024 година, што придонесува кон консолидација и намалување на буџетскиот дефицит за околу 3,3 милијарди денари.
„Ова е прв буџет којшто го предлагам како министер за финансии и прв буџет на оваа Влада. Зад бројките стои нов концепт. Бројки кои покажуваат борба со сивата економија, борба со криминалот, бројки кои ќе донесат повисоки стапки на економски раст и одржливост на долг рок. Фискалната политика за 2025 година е во функција на натамошна консолидација, реструктуирање и оптимизирање на јавните приходи и расходи со намалување на нивото на буџетскиот дефицит и јавниот долг, како и поттикнување на економската активност преку реализирани инфраструктурните расходи. Очекуваните резултати се во остварување повисоки стапки на економски раст, повисоки плати, подобар стандард за пензионерите, подобри услови за живот преку реализација на општинските проекти и инфрструктурните проекти, а сето тоа ќе биде поттикнато и од спроведување на реформите со поддршка на Планот за раст за Западен Балкан“, рече Димитриеска-Кочоска.
Во креирањето на Буџетот, како што посочи, е тргнато од определбата за намалување на буџетскиот дефицит и ефикасно прибирање на приходите, преку борба со сивата економија и ефикасност во користењето на сите средства. Во таа насока се поттикнати институциите коишто имаат сопствени средства да ги ефектуираат и да ги користат. Износот на средствата заклучно со 12 ноември во буџетските корисници е над 14 милијарди денари.
Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 проценти, како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација.
Извозот се очекува да има раст од 4,2 проценти, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемување на надворешната побарувачка.
Очекувањата се дека позитивните макроекономски движења ќе продолжат и во 2025 година и економскиот раст ќе забрза на 3,7 проценти како резултат на позначителениот раст на инвестициите, солидното зголемување на потрошувачката и закрепнувањето на надворешната побарувачка. Најголем придонес кон растот во 2025 година се очекува да имаат бруто-инвестициите со раст од 8,1 проценти преку интензивирање на реализацијата на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, како и проектите во енергетиката, земјоделството, образованието и здравството. Дополнително, растот ќе биде поддржан преку поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции. Значителен придонес се очекува и од инвестициската активност на домашните компании, како резултат на финансиските средства обезбедени преку заемот од Унгарија.
„Ваквото основно макроекономско сценарио сепак е придружено со ризици, коишто се оценуваат како надолни во однос на проектираниот економски раст. Ризиците во однос на надворешното окружување и понатаму се поврзани со геополитичките тензии. Војната во Украина има негативно влијание врз европската економија, особено врз Германија, којашто е наш најзначаен извозен пазар, и заедно со конфликтот на Блискиот Исток влијае врз глобалната перцепција за мир“, нагласи Димитриеска-Кочоска.
Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП.
Вкупните даночни приходи се проектирани на ниво од 202,2 милијарди денари, што претставува раст од 12,8 проценти во однос на планираните даночни приходи за 2024 година, со удел од 19,8 проценти во планираниот БДП за 2025 година. Кај приходите од данокот на личен доход се очекува раст од 13,1 проценти, кај приходите од данокот на добивка за 10,3 проценти, а пораст се очекува и кај приходите од ДДВ кои ќе учествуваат со 42,9 проценти во вкупните даночни приходи, додека приходите од акцизи е предвидено да забележат раст од 18,6 проценти.
Кај расходите, делот на плати е проектиран на ниво од околу 48,1 милијарди денари и споредено со 2024 година е на повисоко ниво за околу 8 проценти. Тука е вкучено усогласување на платите согласно колективните договори во повеќе дејности, додека новите вработувања ќе се реализираат првенствено преку мобилност и преземање на вработени од други институции од јавниот сектор. Во делот на платите се имплементирани донесените владини мерки и препораки за рационализација и оптимизација на вработените во јавниот сектор врз основа на функционална анализа, а со цел зголемување на мотивот за професионално и квалитетно исполнување на работните задачи.
За исплата на пензиите планирани се 105,5 милијарди денари каде се вклучени и ветените 2.500 денари што пензионерите треба да ги добијат со мартовската пензија.
Опозициската СДСМ поднесе 200 амандамни со кои сака да ги исправи, според нив, погубните фискални политики на Владата, која, како што ја оцени претседателот на партијата, Венко Филипче, водат кон „уништување на финансиските столбови на земјата“.
Филипче рече дека Македонија е единствената земја која не предвидува фискална консолидација, за разлика од другите земји од регионот каде што буџетскиот дефицит е под три отсто од БДП.
Во обраќањето пред пратениците Филипче рече дека граѓаните очекуваа политики кои ќе донесат подобар живот и економски развој, но добиле документ без визија и креативност, кој е нереален, неразвоен и недомаќински, со цел да ги задоволи само предизборните активности.
„Овој буџет ќе биде генератор на нови долгови и за уште една изгубена година за економијата и за граѓаните“, рече Филипче.
Тој ја оцени за нереална предвидената стапка на раст на БДП од 3,7 отсто, а потврда за тоа се проекциите на Народна банка која растот го определи на 3,3 проценти а Светска банка 2,5 проценти. Според Филипче, владината проекција за висок раст на БДП е поставена врз нереална основа и има за цел да оправда поголем буџетски дефицит.
Тој рече дека во Предлог-буџетот нема никаква визија за енергетска независност на државата, ниту пак, има државни проекти за модернизација на енергетските капацитети или нови инвестиции во енергетската ефикасност. Средствата за гасификација се речиси преполовени, додека за енергетска трансформација нема ништо.
„Пред некој ден премиерот Мицкоски најави гасна когенеративна централа со која ќе се намали загадувањето. И министерке, ве прашувам: Каде се овие гасни централи во буџетот? Во која ставка се алоцирани овие средства? Да ве потсетам, во буџетот што Вие го браните овде, во делот на енергетика има помалку предвидени средства за развој на енергетиката од 406.331 на 243.100 милиони денари. Но, затоа имате предвидено повеќе средства за искористување на природните ресурси“, рече Филипче, прашувајќи истовремено до каде е ветерниот парк во Штип најавуван од премиерот Мицкоски.
Филипче го критикуваше и планирањето на буџетските средства за Министерството за животна средина каде што според него, повеќе средства се одвојуваат за плати и вработувања, а помалку за заштита на животната средина.
„Заштита на животната средина, намалување од 611.387 на 442.065 милиони денари, или намалување од: 27,7%, за квалитет на воздух: намалување од 46.415 на 22.771 милиони денари, или намалување од: 51%. Тука не се правдајте со донации од надвор, прашањето е: зошто Владата не издвојува повеќе средства за решавање на овој горлив проблем“, праша Филипче.
Излагањето на Филипче ја поттикна министерката Димитриеска-Кочоска на реплика, по што се разви дебата за тоа која влада што направила во делот на енергетиката и во расходите за различни намени.
Претставникот на Фискалниот совет, Глигор Бишев, меѓу другото предупреди на расходите за плати и за пензии кои ќе ја зголемат личната потрошувачка, Исто така, предложи расходите на буџетот да не растат над растот на номиналниот БДП. Тој се осврна и на капиталните расходи кои заклучно со септември годинава биле реализирани со 50 отсто од проектираните, па најверојатно нема целосно да се искористат до крајот на годинава, што ќе овозможи и помал буџетски дефицит од очекуваниот.
Фискалниот совет предложи неискористените средства за капитални инвестиции да не се пренаменуваат за други намени и за тековни расходи, туку, како што тоа го прават други држави, меѓу кои Велика Британија и Австралија, од таквите средства да се формира инвестициски фонд кој би се користел во наредните години за инвестиции.