За уставните измени се пишува многу, но без аналитички пристап
Уставните измени и евроинтеграциите на земјава биле едни од најзастапените теми во медиумските известувања за време на изборната кампања, но немало притоа аналитички пристап, туку само се пренесувале изјавите од партиите, покажуваат анализите објавени во публикацијата на Институтот за медиуми и аналитика (ИМА).
Според новинарката и уредничка за надворешна политика во „Независен“, Слободанка Јовановска, во медиумските известувања немало аналитички пристап за тоа што значи усвојувањето на уставните измени, односно какви придобивки или евентуални штети би имало по државата, а немало ниту обиди да се анализира како политичарите ги менувале ставовите пред, за време и по изборната кампања.
„Евроинтеграцијата подолго време се користи како тема со која се уриваат влади и се носат нови. Едноставно, не се бараат решенија, туку темата се експлоатира политички за постигнување на политички цели. Оваа тема доминира во овој период. Иако има осцилации во тоа колку се следеше ова прашање изминатиот период, факт е дека пред кампањата многу се експлоатираа уставните измени, но целата тема не беше толку разгледувана од аспект што значи тоа за државата, односно да се анализира какви штети или придобивки евентуално би направиле уставните измени, туку повеќе oд аспект дали ќе се усвојат уставните измени или тоа прашање ќе доведе до одржување на вонредни парламентарни избори“, рече Јовановска на денешната панел дискусија „Како известуваа медиумите за евроинтеграциите пред и по изборите“ во организација на ИМА.
Она што неа ја изненадило како долгогодишен новинар, е тоа што во медиумите биле пренесувани само ставовите на политичарите, без притоа да се направи обид да се покаже како самите партии не опстојувале на тоа што го кажувале пред кампањата и по неа.
Според Сефер Тахири, универзитетски професор по новинарски и јавни комуникации, во медиумите на албански јазик преовладувало позитивно известување во однос на уставните измени и Францускиот предлог, но и тој се согласува дека и таму немало аналитички пристап, туку известувањето се засновало на изјавите од политичарите.
Жарко Трајановски од Институтот за медиуми и аналитика ИМА посочи дека по изборите ставите за уставните измени се менуваат со таква брзина што новинарите не можат ни да ги покријат, а генерално тоа предизвикува и конфузија во јавноста. Притоа беа цитирани различни изјави, од таа на премиерот Христијан Мицкоски деновиве дека сите земји членки на ЕУ освен Бугарија поддржуваат одложени уставни измени, па до таа на министерот за европски прашања дека – за предлогот немало оптимизам во Брисел, но не бил ни отфрлен во целина.
Поилустративни беа изјавите на албанските колаициони партнери на ВМРО-ДПМНЕ, кои според изнесените ставови имаат па немаат рок за уставните измени, кои ќе излегуваат па нема да излегуваат од Владата ако не се усвојат, конфузија од пораки која ја отвора главната тема – дали воопшто се сака да се влезе во ЕУ и дали со ваквиот пристап се банализира темата?
Генерално, оценката беше дека медиумите се повеќе слепо ја следат агендата наметната од Владата, дека во најголем дел само се пренесуваат изјавите и се реагира на настаните и дека евроинтеграцијата станува актуелна само кога ќе стане податлива за домашна политичка пресметка.