За убиецот на Азем Хајдари, симболот на албанската демократија, 21 година затвор
По повеќе од 24 години од убиството на Азем Хајдари, од Демократската партија, кој го носи епитетот симбол на демократијата во Албанија, на неговиот егзекутор Изет Хаџија, денеска, судот во Тирана му изрече казна затвор во траење од 21 година.
Убиството се случи на 12 септември 1998 година, пред седиштето на партијата, кога Хајдари, кој беше пратеник, на 35-годишна возраст, и беше смртно застрелан со огнено оружје.
-Хаџија, пак, во тоа време беше телохранител на партискиот лидер Сали Бериша. По убиството побегна во Турција каде што во 2006 година беше уапсен. И покрај барањето за политички азил со образложение дека постои опасност по неговиот живот, турските власти го екстрадираа во Албанија во мај 2018 година, пренесуваат албанските медиуми.
По пристигнувањето во Тирана, судскиот процес почна од почеток, по негово барање, за да се соочи со сведоците, меѓу кои и Бериша, за да се расветлат, според него, вистините кои дотогаш не биле објавени во јавноста за убиството на Хајдари.
Претходно, судот во Тирана, во отсуство, во 2002 година му изрече казна затвор во траење од 25 години, а по поднесената жалба истата ја намали на 17 години.
Хаџија затворската казна ќе ја издржува во затвор со висок степен на безбедност, а во неа ќе му биде пресметано времето минато во притвор и затвор по екстрадицијата од Турција.
Хајдари беше еден од основачите на Демократската партија, лидер на студентското движење и дел од групата која го урна споменикот на Енвер Хоџа во центарот на Тирана. Неговата ќерка Рудина Хајдари тргна по неговите стапки во политиката и во минатиот парламентарен состав беше пратеник.