За „тренирањето магариња“


ЃОРЃИ СПАСОВ

Градењето и чувањето углед е сериозна работа и грижа на секој менаџмент. Тој се стекнува тешко и мачно, а се губи во миг. И мора да се води професионална грижа за него. Затоа не треба да се навредуваат или омаловажуваат новинарите кои ја истражуваат вашата работа како функционер

 

Денес во Македонија веќе не е вест дека некој во некоја институција проневерил неколку милиони евра и ја злоупотребил функцијата. Такви вести се дел од секојдневниот политички фолклор веќе подолго време и дури кога не доаѓаат само од политичките партии во опозиција кои се главните мајстори за лажни вести, туку и од надлежни институции за борба против криминалот, не предизвикуваат внимание. Една од причините за тоа што голем број од нив во минатото се покажаа како невистинити или како обвинувања што тешко можат да се докажат,  а таму кај што имаше докази и судски предмети се дозволи некои од тие предмети да застарат и обвинетите да не одговараат.

Но вести кои можат да привлечат големо внимание и да нанесат огромна штета на угледот, на институција, влада и на поединци се вести од видот „дадени пари од буџетот или од европските фондови за тренирање магариња“ или на компанија регистрирана со главна дејност фризерница ѝ се доделени пари за „образование на наставници“.

Новинарот сосема умешно го уловил и насловот на проектот за да предизвика внимание на текст со кој сакал да укаже на можна злоуопотреба на европските фондови за „бесмислени проекти“ и поставил сериозно прашање дали е нормално на компанијата што добила пари за обука на наставници да ѝ биде главна дејност  „фризерски салон и салони за разубавување“. Тој, всушност, не измислил ништо кога напишал дека проектот за кој се одбрени 83 илјади евра носи наслов „Тренирање магаре и коњ и коњско однесување од Хрватска“, бидејќи тому така гласи проектот за кој се одобрени пари, ниту кога напишал дека „компанија регистрирана со главна дејност фризерница добила 270 илјади евра за едукација“.

Од новинарски аспект може да се смета дека е тоа мошне умешен начин на поставување прашања за јавна одговорност.

Владата, нејзините институции и функционери треба да очекуваат и најнезгодни и најнепријатни прашања во врска со нивната работа и да одговараат на нив. За таа цел речиси во сите владини институции постојат цели сектори или барем вработени лица за односи со јавноста. До пред промените Владата имаше и свое министерство за транспарентност како транспарентноста да е некоја посебна дејност. Тие сектори и личности задолжени за односите со јавноста имаат задача да ја обезбедат транспарентноста на институциите кои трошат буџетски пари или пари од странски донации и грантови, да им помагаат на новинарите во добивањето на информации од интерес на јавноста, да ја известуваат повремено јавноста со свои соопштенија за работата на тие институции и да им помагаат на избраните функциониери во тие институции при организирањето прес-конференции или друг вид настапи и обраќања  преку медиумите.

Но кога се ограничени само на вршењето на наведените активности, тогаш тие сектори и лица за односи со јавност остануваат само на одамна познатите сектори за информирање и пропаганда  на својата институција, но не се и клучна алатка во менаџирењето на угледот на институцијата и во справување со кризи кои можат да се јават како резултат на недобронамерно информирање или злонамерна пропаганда. А  во време на интернетот и социјалните медиуми токму тоа знаење ги разликува совремните ПР менџери од поранешните секретари за печат.

Во помалите институции и компании оваа функција на „кризен менаџмент“ треба да ја вршат носителите на најдоговорната функција во институциите, односно компаниите, но ако Националната агенција за европски образовни програми и мобилност имала способен ПР менаџер кој е дел од менаџментот на компанијата, тој сигурно ќе предочел можни последици по угледот на компанијата од „несреќно срочени наслови на проектите“ и од потребата компаниите што аплицираат за проекти во агенцијата да си направат на време своја соодветна пререгистрација на дејноста и на седиштето за да не доаѓа до забуни.

Проектот со наслов „Тренирање магариња, коњ и коњско однесување“, како што разбравме можел да има наслов „Обука во Хрватска на средоколци од средно земјоделско училиште во Македонија за одгледување и бизнис со копитари“, а сопствникот на компанијата „В.Е.З.“ која треба да значи „Вредност на европското знаење“ можел во годините додека добивал пари за такви проекти да научи дека може на некои граѓани да им биде и сомнително и чудно што не формира посебна компанија за таква дејност, туку таа дејноста ја извршува преку компанија со еден вработен, чија главна дејност е „фризерски салон и салони за разубавување“ и нејзинето седиште е регистрирано на адреса на фризерски салон.

Во јавноста и кога сѐ е „според Устав и закон“  може да предизвикате сомененија за чесност и некои „несмасности“ да ве изложат на потсмев. Оттука, ако и веќе е направена и откриена таква „несмасност“, а институцијата е соочена со „криза на угледот“, тогаш според сите учебници таа криза мора да се менџира на соодветен начин.

Прво правило.  Во услови кога се наоѓате под 24-часовен надзор на медиумите и кога вести се пласираат во секое време од денот, ако имате информација дека некој за нешто ќе ве нападне во јавноста, направете сѐ пред да се појави таа вест, вие да ја информирате јавноста дека е можно да бидете обвинети за нешто што не е точно и да објасните за што се работи. Со тоа ја одземате силата на првиот удар и ја смалувате сензационалноста. Но ако сте затечени со објавена информација, која ви го загрозува угледот, не се чека повеќе ниту од еден час за да се објави сериозен демант со факти. Не смее да се остави простор за шпекулации и ширење на веста без одговор, туку секој што ќе ја преобјави ќе го објави и вашиот одговор.

Второ правило. Дури и да се работи за класична клевета, институцијата е должна да каже зошто смета дека напишаното не е вистина, да демантира со факти и самоуверено, без дисквалификации и навреди, нудејќи целосна отвореност и соработка за доаѓање до вистината.

Трето правило. Не навредувајте ги или омаловажувате авторите на текстот и кажете дека можеби добиле погрешен впечаток или информација за да можат да се повлечат и извинат ако имате факти, а најмалку ви треба да говорите за „задни намери“ конспирација, „странски служби“ и инспирираност од злобни намери на трети лица. Тоа ќе создаде впечаток дека сте уплашени, дека сакате нешто да сокриете и дека сакате да го пренасочите вниманието кон друга страна.

Четврто правило. Координирајте го својот одговор во надминувањето на кризата со сите луѓе во хиерхијата на институцијата која е нападната. Некоординираноста доведува до страшни последици.

И петто правило. Прифатете веднаш дел од одговорноста која довела до „погрешен впечаток за направен криминал“ и ветете дека сте подготвени да направите сѐ што е во ваша належност за такви работи во иднина да не се случуваат.

Најлошо од сѐ е објаснувањето дека „не чуствувате вина поради тоа што такви работи се случувале и во минатото“ и дека нема да преземете каква било одговорност за појавените „недоразбирања“ во јавноста додека (вие лично) не го докажете направениот криминал во износ од милиони евра  во таа институција од претходното раководство.

Уште полошо е ако во одбраната настапите заедно со претставник на проектот на кој сте му доделиле пари, бидејќи на тој начин создавате само  впечаток за невообичаена блискост со него, солидарност и заедничка одбрана која само ги зголемува сомневањата.

Лошото менџирање на кризи на угледот, може да доведе и сосема неосновано до тоа да бидете претворени во јавноста во синоним за злоупотреба на државни пари, преку една единствена фраза „тренирање на магариња“ и „фризерски салон за европско образование“.

И во такви услови јавноста ќе бара вие да не бидете во можност да ја попречувате независната истрага од функцијата што ја извршувате, а тоа може да доведе до многу непријатни последици.

Огромен број од граѓаните и од гласачите не читаат ништо повеќе од забавните наслови и ако се задоцни со обаснувањата или се пристапи погрешно може нема со вас да се занимава редовниот суд, но ќе бидете жртва на судот на јавноста.

Градењето и чувањето углед е сериозна работа и грижа на секој менаџмент. Тој се стекнува тешко и мачно, а се губи во миг. И мора да се води професионална грижа за него, не само преку работењето и професионалност туку и преку умешноста, односно уметноста за градење на односи со јавноста и справувањето со кризи кога тие ќе се појават. А за тоа можеби ни е потребна европска едукација и образование.

(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор)