За телефони и компјутери за студентите ќе бидат издвоени 13 милиони евра
За поттикнување на претприемачкиот дух на младите ќе бидат издвоени помалку пари - 10 милиони евра
Рециклирањето на стари мерки може да помогне во заживување на политичкиот наратив кога тој забавува.
Премиерот Христијан Мицкоски во неделата на собирот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, најави дека „владата ќе поддржи со новиот буџет, кој е во изработка, ваучери во вредност од 250 евра за електронски уреди за сите, повторувам за сите студенти во Македонија, за сите до еден“.
Денеска, на прес-конференцијата со српскиот премиер Милош Вучевиќ, го дообјасни овој план, велејќи дека ќе бидат дадени ваучери за електронски уреди – „телефони, таблети и компјутери, со коишто ќе бидат во можност да се вмрежуваат со своите колеги во регионот, во Европа и во светот“.
Оваа мерка во најава неодоливо потсетува на оние од времето на владеењето на Никола Груевски, како ваучери за компјутери за студенти или „компјутер за секое дете“. Тогаш беа регистрирани и бројни злоупотреби со ваучерите, кога со разни махинации се земаа парите, а не се купуваа компјутери.
Колку би изнесувале парите што треба државата од буџетот да ги издвои следната година?
Според податоците од Заводот за статистика, во учебната година 2023-24 имало 52.316 студенти на сите универзитети (државни и приватни). Од нив 15.330 биле бруцоши. За оваа учебна година за статистичарите е рано да ги пресматаат сите студенти. Ако претпоставиме дека бројот на студентите повторно е околу 52 илјади, тогаш државата ќе треба да одвои фантастични 13 милиони евра за телефони, таблети и компјутери за сите студенти.
Во истиот говор премиерот Мицкоски најави дека владата ќе го стимулира претприемништвото на младите луѓе со помалку пари од оние што треба да се одвојат за електронските уреди. Според него, „владата ќе обезбеди фонд од 10 милиони евра за развој на бизнис за млади од 18 до 29 години со новиот буџет, во зависност од бизнисот и планот, ќе издвојува средства и ќе ја одредува висината на помошта, која ќе биде потоа под строг надзор, дали вистински се трошат средствата за таа намена, комисија под строги критериуми во која ќе членуваат претставници на неколку институции. Вредноста ќе биде од 1000 евра до 30 илјади евра за проект“.
За тие што ќе создаваат дополнителна вредност во економијата и ќе го развиваат претприемачкиот дух ќе има помалку пари отколку за студентите кои ќе имаат можност да се „вмрежуваат со своите колеги“.
За наставниците кои ги подготвуваат основците и средношколците за студентските денови засега нема пари во буџетот за зголемување на нивните плати, иако постои законска обврска за тоа. (Н.В.)