ДФРМ му додели медал „Браќа Манаки“ на Ацо Дуковски за особен и долгогодишен придонес кон фестивалот во Битола
Друштвото на филмските работници на Македонија му го додели медалот „Браќа Манаки“ на Ацо Дуковски, за особен и долгогодишен придонес кон Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.
Ацо Дуковски е актер и долгогодишен филмски професионалец, чија работа е тесно поврзана со македонската кинематографија и кино-култура. Како актер има остварено улоги во повеќе филмски и телевизиски продукции, меѓу кои „Време, води“, „Црвениот коњ“, „Преку езерото“, „Gypsy Magic“, „Бал-кан-кан“, „Панкот не е мртов“ и „Деца на сонцето“.

Со медалот „Браќа Манаки“, Друштвото на филмските работници на Македонија му оддава признание на Ацо Дуковски за неговата долгогодишна посветеност, поддршка и придонес во развојот на фестивалот и македонската филмска култура, информираа од секторот за односи со јавност на ИФФК „Браќа Манаки“.