За смртта на Фросина, Васил доби 12 години затвор – таткото излета од судницата

Се бара до правосилност на пресудата Јованов да остане во притвор, а тој немаше приговор на тоа


Васил Јованов (Фото: Б. Грданоски)

 

По изрекувањето на пресудата за Васил Јованов од 12 години затвор за тоа што ја прегази и ја усмрти Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, на пешачки премин, под дејство на алкохол, со пребрзо возење и без воопшто да има возачка дозвола, таткото на загинатата ја напушти судницата уште пред да биде дочитана пресудата. Јованов доби и забрана за управување возило во траење од пет години, како и да ги плати сите судски трошоци.

На излегување таткото Тодор викаше: „Судот – мафија!“, незадоволен од досудената казна за Јованов. Мајката и сестрата на Фросина останаа во судницата. Сите носеа маички на кои пишува „Правда за Фросина“, а со исти маички беа и дел од поддржувачите кои се во задниот дел на судницата.

Тие од почеток бараа максимална казна за сторителот, а тоа е 20 години затвор. Исто така, судот ги упати оштетените, семејството на Фросина Кулакова своето оштетно побарување да го остварат во Граѓанскиот суд Скопје.

Според обвинението, на 29 јануари годинава, Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место. 

Судијката Снежана Марковска, на објавувањето на пресудата денеска во Основниот кривичен суд Скопје рече дека како олеснителни околности судот ги ценел признанието на вина и чувството на вина, како и свесноста за степенот на кривичното дело што го сторил и последиците, возраста и немањето доволно искуство, поранешениот живот – активен студент и спортист и неговото однесување по сторувањето на делото, додека како отежнителни интензитетот на дејствијата и прекршување на голем број бланкетни норми од Законот за сообраќај, како и степенот на опасност од предизвикување на ова дело и тоа што обвинетиот е претходно осуден на казна затвор од три години и десет месеци за недозволена трговија со дрога и фактот што против него пред судот се отворени уште неколку постапки за поминување на црвено и загрозување на животот на пешаците и целосно игнорантскиот однос кон нив.

Семесјството на Фросина за време на изрекувањето на пресудата

Особено како отежнителна околност судот ја цени загубата на еден млад живот, што најмногу ја чувствуваат родителите и семејството.

„Судот, внимавајќи на целите од законот и сите околноста за висината на казната и даденото признание на вина ја одреди следната пресуда: Обвинетиот Васил Јованов е виновен затоа што без возачка, на црвено, под дејство на алкохол поминал на пешачки и удрил во пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло, се здобила со тешки повреди од кои на лице место настапила смрт. Судот го осудува на казна затвор од 12 години, во кое му се засметува и времето поминато во притвор, забрана за управување со возило од пет години и да плати парична казна и трошоци за судската постапка“, изјави судијката.

Зборувајќи пред новинарите надвор од судот, Тодор Кулаков изјави дека дванаесетгодишна казна затвор била награда за „најбрутално можно убиство во сообраќајот“.

Тој најави нови протести на кои ќе бараат правда за Фросина. „Следните протести ќе треба со црвени раце да го излепиме цел суд, судиите кога ќе излегуваат од судница ќе ги чекаме со црвени, крвави раце да ги излепиме. Само така може да се свести ова судство кое, немам друг збор, ги штити мафијашите“, рече Кулаков.

Тој изрази сомнеж дека родителите на Васил Јованов однапред ја знаеле висината на казната бидејќи, како што рече, денеска изгледале релаксирано во судницата.

Пресудата на судот ја нарече срамна, бидејќи, како што кажа, во оваа држава дилери на дрога и немилосрдни убијци се прогласувале за светци, спортисти и посветени студенти, посочувајќи притоа на одбраната на Васил Јованов.

Тој обвини и за корупција, како и за уништување докази од лице кое било на совозачкото седиште во автомобилот на Јованов.

Кулаков рече дека како семејство не исклучуваат своето незадоволство повторно да го искажат пред судовите и пред Судскиот совет, кој бил трулежот во судството. „Ќе протестираме и ќе бараме оставки и смена на ваквиот корумпиран судско-казнен систем“.

Пресудата не е правосилна и Јованов има право на жалба пред второстепен суд.

Обвинетиот Васил Јованов, кој призна вина, во завршен збор пред Судот, уште еднаш изрази каење за случајот. 

„Не можам да објаснам какво каење чуствувам. Не поминал ден да не се помолам за душата на Фросина и за нејзината фамилија. Тоа е нешто што ќе ме прогонува до крајот на мојот живот. Сакам уште еднаш да искажам најдлабоко сочувство и извинување на семејството и на сите кои ги познавам“, изјави тогаш Јованов.

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривично дело „предизвикување општа опасност“ од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Обвинението се однесува на периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година, во кој Зоран Јованов дозволувал на својот син Васил Јованов да управува патничко моторно возило „Пежо 207“, иако знаел дека синот нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти вклучително и сообраќајната несреќа во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова. 

Јованов останува во притвор до правосилност на пресудата.